Пратеничката Иванка Василевска, во својство на заменик-шеф на Делегацијата на Собранието на Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, учествува на седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа што се одржува денеска во Будва, Црна Гора.
Во програмата на седницата, Василевска учествувала на работниот појадок на парламентарната група Women@pace. Појадокот била посветен на дискусијата околу зголемениот бран на насилство врз жените и девојчињата, за зголемените статистики на фемицидот, за мизогинијата и шовизнизмот, како и за мерките кои се неопходни да се преземат за превенција и справување со овие злосторства.

На состанокот, Василевска истакнала дека мора да се работи на позасилена кампања и доработка на националните законодавства во оваа сфера и истакна дека преку Советот на Европа, последниве години, имаме значителен напредок во областа на регионалното поврзување и размена на искуства преку кои влијаеме на покренување на свеста за создавање на услови за поцивилизиран и потолерантен свет.
– Седницата на Постојаниот комитет се одржува за време на шестмесечното претседавање на Црна Гора со Комитетот на министри на Советот на Европа. На оваа седница учествуваат парламентарци од земјите членки на Советот на Европа. Тие во рамките на парламентарната соработка ги разгледуваат тековните прашања за демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права. На агендата за состанокот има размена на мислења со Ервин Ибрахимовиќ, заменик-претседател на Владата и министер за надворешни работи на Црна Гора, кој е претседател на Комитетот на министри на Советот на Европа. Се разгледуваат и неколку прашања од институционалната и политичката програма на Парламентарното собрание – информираат од Собранието.
Постојаниот комитет го разгледал Извештајот за набљудување на општите избори во Босна и Херцеговина, за измените на одредени одредби од Правилникот за работа на Парламентарното собрание, како и дебата за протестите и социјалните немири во Европа.

Во попладневниот дел од заседанието ќе се одржи тематска тркалезна маса на тема „Насилството врз жените и Истанбулската конвенција: справување со дигиталната димензија на насилството“. На неа ќе се разговара за новите форми на родово базирано насилство, меѓу кои и насилството во дигиталниот простор, и за постојните механизми за превенција и заштита.
На маргините на состанокот, Василевска остварила средба и со Ервин Ибрахимовиќ, заменик-претседател на Владата и министер за надворешни работи на Црна Гора, на која дискутирале за силната поврзаност меѓу нашите две пријателски земји и за можноста за продлабочена соработка и поддршка во евроинтегративните процеси.
Оваа активност е дел од постојаната работа на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа и од придонесот во европскиот парламентарен дијалог за тековните политички, демократски и општествени прашања.

