Казните што ќе ги напише „Сејф Сити“ ќе се плаќаат со неколку клика. Од декември, граѓаните кои беснеат по македонските улици ќе можат да си го платат прекршокот преку мобилна апликација. Без чекање на шалтери и дополнителни административни процедури, дигиталната алатка ќе функционира според моделот кој веќе им е достапен на странските државјани.
„Апликацијата веќе функционира за странците, од идната недела ќе ја пуштиме и македонските граѓани и ќе можат многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде го сториле прекршокот, ќе можат и доказите да ги видат, ќе можат преку апликацијата соодветно да си ги подмират казните, да го олесниме целокупниот начин на комуникација.“ – вели Панче Тошковски.
Следува и проширување на системот и во другите градови. Од наредниот месец во Струмица ќе започнат да функционираат паметните камери, а потоа и во Штип каде во моментов тие се инсталираат. Последна станица е Битола, каде системот треба да започне да регистрира казни до февруари.
„Македонските граѓани сфатија дека можеме подобро да се однесуваме во сообраќајот, сите сфативме дека ако ги почитуваме правилата ќе спасиме човечки животи. Резултатите се неспорни, имаме намалување од 35% на сообраќајните незгоди со смртни последици.“ – вели Тошковски.
Во меѓувреме „Сејф Сити“ ќе добие и проширување во ловењето на прекршоците. Онаму каде што нема камери, прекршоците ќе се ловат со автомобили кои ќе снимаат и директно ќе бидат поврзани со централата на системот бебзеден град. Овие подвижни радари ќе функционираат и во урбаните средини но и на отворените патишта. Крајната цел на надлежните е исполнување на европските заложби за намалување на бројот на жртви во сообраќајот за 50 проценти до 2030 година, а до 2050 да нема ниеден загнат на македонските патишта.

