Младите од осум општини развија сопствени проекти за решавање локални проблеми. Преку проектот ЛАПСИ – „Локални активни платформи за социјални иновации“, вкупно 273 млади работеа на препознавање на предизвиците во своите заедници и развивање иновативни, практични решенија.
Од вкупно 48 идеи, беа избрани 27, кои беа презентирани денеска во рамките на националниот ЛАПСИ-форум 2026, што се одржува во Скопје. Едно од нив ќе биде прогласено за „Младинска социјална иновација на годината 2026“.
Нивните идеи ќе станат реални затоа што ќе бидат разгледани од советите на општините во кои живеат и со тоа практично тие се вклучуваат во решавањето на локалните проблеми со кои се соочуваат општините.
– Зад овие бројки стојат млади луѓе што ги препознаа проблемите во своите заедници, ги истражуваа потребите на граѓаните и понудија сопствени решенија. Од дигитални платформи и паметни јавни услуги, преку образование, култура и волонтерство до почиста животна редина и подобар јавен превоз – овие идеи покажуваат каква иднина замислуваат младите. А најважно е што некои од нив ќе прераснат од локални предлози во решенија применливи во повеќе општини – изјави Билјана Јанева, извршна директорка на Институтот „Охрид“.

Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, младите треба да имаат можност да учествуваат додека се подготвува решението кога нивниот предлог навистина може да влијае врз одлуката.
– Иновацијата може да биде многу практична. Подобро искористан јавен простор, подостапна општинска услуга или поедноставен начин да се пријави и да се реши локален проблем. Не секое решение бара мобилна апликација. Секое решение бара некој да ја преземе одговорноста за неговата реализација. Не мора да ја имате совршената идеја за да почнете. Но треба добро да го познавате проблемот и да бидете подготвени да работите на неговото решение. Да прифатите забелешки, да го смените пристапот кога тоа е потребно и да продолжите и по првата, и по втората, и по третата пречка, дисциплинирано, упорно и со работа и ќе успеете. А ние од институциите треба да бидеме достапни за тие активности и јасни во она што можеме да поддржиме – рече министерот Андоновски.

На младите им порача дека без разлика кој и да го добие признанието Младинска социјална иновација за 2026 година, сите се победници затоа што препознале проблем, работеле на негово решавање и понудиле конкретно решение.
– Кога нешто не функционира во вашата општина, вие најчесто го забележувате пред да стигне како информација до институциите. Го гледате во училиштето, на улицата, во јавниот простор или во просторот каде што сакате да се да спортувате или да се дружите. Прашањето е кога имате идеја како тоа да се подобри или има ли кој да ве слушне? И што се случува потоа? За мене, тука е и вредноста на овој проект. За секоја ваша идеја има конкретен проблем, конкретен предизвик, вложено време и желба нешто да се промени во вашата средина. Ние често ги повикуваме младите да бидат активни – рече Андоновски.

Францускиот амбасадор во земјата Кристоф лЛ Риголер со порака до младите дека нивното учество во општествен живот е од огромно значење.
– Ја користам можноста на сите да ви се заблагодарам што учествувавте во овој проект со вашата мотивација, вашата посветеност и вашата расположливост бидејќи вие сте актерите што ги носат промените, но исто така придонесуваат за воспоставување на трајната демократија – рече Ле Риголер.

