Женското лидерство не е услуга за жените, туку разумна енергетска политика. Да им го отвориме патот на девојчињата кон науката и инженерството, да ги унапредуваме жените на позиции во контролните сали и управните одбори, да им обезбедиме место на масите на кои се одлучува за енергетската политика, инвестициите и регионалните договори. На тие маси енергијата станува дипломатија – порачаа денеска учесниците на првиот форум за енергетска дипломатија „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката” што се одржува во Скопје.
Како што беше истакнато, енергетската транзиција нема да успее ако жените не учествуваат и не придонесуваат рамноправно. Потребни се жени што ќе креираат политики, ќе раководат со компании, ќе развиваат технологии и ќе ја обликуваат меѓународната соработка.

-Иднината на енергетиката не може да се обликува без жените што имаат знаење, искуство и храброст да водат. Жените треба да ги поставуваат приоритетите, да ги водат преговорите, да ги градат партнерствата и да преземаат одговорност за резултатите. Не зборуваме само за застапеност, зборуваме за влијание. Кога во одлучувањето учествуваат повеќе жени, институциите се зајакнуваат со дополнителни знаења и компетенции, а одлуките се носат со повеќе искуство и разни гледишта. Наша обврска е да го отвориме патот за следната генерација: инженерки, експертки и лидерки, потенцира министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Според Меѓунардоната агенција за енергија, жените заземаат приближно едно од пет работни места во енергетскиот сектор и само 18 проценти од раководните позиции.
-Во нашиот регион, жените сочинуваат 17 до 18 отсто од работната сила во овој сектор. Дури и во секторот на обновливи извори, уделот на жените останува непроменет 2019 година и изнесува 32 процента, а бројот на работни места би можел речиси да се удвои до 2030 година. Нема да ги пополниме тие работни места, ниту да победиме во оваа трка, ако половина од нашиот талент остане настрана, потенцира постојната координаторка на ОН во земјата, Рита Колумбија.
_UulRUgwAn/large.webp?use_watermark=1)
Податоците од УНДП покажуваат дека Македонија е една од десетте земји од Европа и Централна Азија во кои жените заземаат едно од три зелени работни места. Сепак, жените во Македонија веќе се на значајни раководни позиции, вклучително и во енергетскиот сектор и тоа охрабрува, но можностите мора да бидат достапни на сите нивоа во индустријата.
Како што оцени постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, Арменд Грегоријан, вистинската еднаквост не се постигнува кога неколку жени ќе стигнат до врвот, туку кога секоја способна жена ќе има еднаква можност да успее.
_ComTZwopY/large.webp?use_watermark=1)
-Иднината на енергетиката нема да биде определена само од ресурсите што ги имаме или од технологиите што ни се на располагање, туку и од луѓето на кои им даваме можност да донесуваат одлуки. Во време кога човештвото бара нови извори на енергија, некои општества се уште спречуваат половина од своето население да го оствари сопствениот потенцијал. Индексот на родовите општествени норми на УНДП од 2023 година покажа дека речиси девет од десет луѓе во светот се уште имаат барем една длабоко вкоренета предрасуда кон жените. Скоро половина сметаат дека мажите се подобри политички лидери, рече Грегоријан.
Учесниците ставија фокус и на зелената енергија. Колумбија нагласи дека напредокот е можен и како пример ја посочи Македонија.
-Напредокот е можен. Македонија го докажува тоа. За пет години, уделот на електричната енергија произведена од обновливи извори се зголеми од 29 на 46 проценти, а инсталираната моќност достигна 1.842 мегавати. Ова придонесува за Целта за одржлив развој 7: почиста енергија и почист воздух. Заслугата им припаѓа на институциите, компаниите и граѓаните на оваа земја, рече постојната координаторка на ОН.

На форумот присуствуваат над 200 домашни и странски гости, високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, претставници од дипломатската заедница и приватниот сектор. По официјалното отворање беше потпишана платформа за жени во енергетската диопломатија која, како што беше нагласено, треба дијалогот да го претвори во долгорочна заложба за соработка, размена на знаења и поголемо учество на жените во креирањето на енергетските политики и инвестиции.

