Кога се сака се може – за 24 часа владата најде експресно решение за бизарниот проблем со кравите во Крива Паланка. После години немоќ на локалната самоуправа во Крива Паланка и жалопојките на градоначалникот, таа усвои акциски план со кој проблемот треба да се реши за релативно брзо време. Им даде задолженија на шест државни институции како да се справат со непослушните крави.
На Агенцијата за храна и ветеринарство и даде задолжение да ги залови и одземе говедата, агенцијата за управување со одземен имот да ги преземе, транспортира, смести и згрижи, полицијата да асистира, центарот за управување со кризи да координира, Дирекцијата за заштита и спасување да обезбеди логистика, луѓе и техничка поддршка и на крајот бирото за процена да ја утврди вредноста на одземените говеда.
Со овие мерки се очекува конечно да се стави крај на проблемот што градоначалникот Сашко Митовски упорно не можеше да го реши, па дури дозволи Македонија да биде избрукана на светската сцена откако странски медиуми ја пренсоа и проширија приказната за непослушните крави. Бараше кризна состојбата за да армијата и полицијата ги улови кравите, па потоа пиша писма до странските амбасади, но и меѓународните организации, вклучувајќи го и нато. Сега, тврди дека владата признала дека тоа на било негов проблем, туку на државата.
„Граѓаните на Крива Паланка се пред победа. Конечно имаме информација дека вчера на седницата на владата е усвоена информација со којашто се потврдуваат нашите досегашни аргументи во однос на надлежностите на државните институции за решавање на проблемот со добитокот во Крива Паланка“, изјави Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка
Градночалникот вели дека најавениот протест, сега по усвојувањето на мерките, се откажува. На претходниот учествуваа и членови на СДСМ и Левица, со кои заедно тие го блокираа магистралниот пат. Засега останува само нејасно каква ќе биде судбината на краварките и нивниот татко кои досега имаат заработено околу 100-тина пријави во врска со случајот.

