Тркалезна маса посветена на унапредувањето на хуманитарното дејствување, зајакнувањето на институционалната соработка и градењето поотпорно општество се одржа денеска, со мото „Хуманитарната дипломатија како инструмент за обликување на иднината на Црвениот крст на Македонија и националниот хуманитарен систем“. наведува во соопштение Црвениот крст на Македонија.
Настанот отвори значајна дискусија за идната улога на Црвениот крст во националниот хуманитарен систем и за важноста на хуманитарната дипломатија во поврзувањето на институциите, меѓународните организации, локалната самоуправа, академската заедница, волонтерите и корпоративниот сектор.
Во рамки на настанот беше потпишан договор за соработка и координација во случаи на кризи меѓу Црвениот крст на Македонија, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Договорот претставува значаен чекор кон унапредување на партнерството, координацијата и заедничкиот одговор на хуманитарните предизвици.

На настанот се обратија покровителот Беким Сали, прв заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, пратеникот Бојан Стојаноски, Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ, Маја Стевкова Штериева, главен финансиски директор на АД Комерцијална банка, Славче Трпески, секретар на Град Скопје, како и претставници на други институции.
Преку различните перспективи и искуства беше нагласена потребата од посилна институционална поддршка, современа законска рамка, развој на волонтерството, градење отпорни заедници и унапредување на партнерствата како основа за ефикасен и одржлив национален хуманитарен систем.
Тркалезната маса потврди дека хуманитарната дипломатија не е само инструмент за застапување на хуманитарните потреби, туку и механизам за градење доверба, воспоставување партнерства, мобилизирање ресурси и влијание врз јавните политики во интерес на граѓаните.
За Црвениот крст на РСМ, иднината подразбира понатамошно јакнење на организациските капацитети, унапредување на волонтерството, развивање на партнерствата и активно учество во креирањето на националните политики за подготвеност, одговор и закрепнување од кризни состојби.
Заклучоците од дискусијата претставуваат основа за дефинирање конкретни следни чекори и продлабочување на соработката меѓу сите општествени чинители.

