Алта банка ќе добие нов сопственик. Премиерот Мицкоски е оптимист дека нов купувач ќе има и банката ќе се спаси. Комерцијална банка веќе објави дека го поминала филтерот на Народната банка и ќе учествува на јавната аукција. Според него, мерките што ги презеде Народната банка за заштита на капиталот на Алта банка Битола ќе вродат со плод. На критиките од опозицијата за тоа како власта се справува со овој проблем, вели дека споредено со пропаѓањето на Еуростандард банка, граѓаните виделе дека тогашната министерка за финансии кратко пред прогласувањењто стечај си ги повлече парите, а огромни кредити без покритие се давале на фирми блиски до тогашната власт.
„Ако го анализирате портфолиото на Еуростандард банка и се вратите, да речеме, во 2016, 2017-та година, ќе видите кои правни субјекти од еден град во југоисточна Македонија се корисници на кредити од таа банка и со кои политичари, сегашни и поранешни од опозицијата, тие правни субјекти се поврзани. Ќе дојдете исто така до еден заклучок дека поранешниот министер за финансии неколку дена пред да колабира Еуростандард банката си го повлече својот депозит. И нормално, таа банка пропадна, отиде во стечај“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Премиерот Мицкоски вели дека на првиот ден од Надзорната расправа во Собранието паднале маските на опозицијата. Тој како прв сведок обелодени дека токму претходната власт е таа што стапила во деловни врски со српската Алта банка. Продолжението на Надзорната расправа е закажано за во среда по двонеделно тактизирање на СДСМ, а од друга страна инсистирање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тоа да се случи што поскоро.
Засега не се знае дали ќе има други учесници на аукцијата. Сега тече рокот во кој монетарната власт треба да ја провери документацијата ако се пријавиле евентуално други заинтересирани купувачи. Претходно гувернерот рече дека разговарал со уште пет други банки и финансиски друштва.
Првата аукција на мнозинскиот пакет акции од 95% е закажана за 30-ти ноември. Доколку акциите не се продадат во првиот обид, предвидени се дополнителни пет аукции, при што почетната цена на секоја наредна аукција ќе се намалува за 10 % во однос на претходната.

