Кинотеката на Македонија денеска ќе ја одбележи десетгодишнината од смртта на македонскиот карикатурист, аниматор и автор на анимирани филмови Дарко Марковиќ со ретроспективна проекција на десет негови кратки анимирани остварувања.
Од Кинотеката посочуваат дека Марковиќ (1940–2016) оставил значајна трага во македонската визуелна култура, карикатурата и анимацијата, создавајќи препознатлив авторски израз заснован на хумор, сатира и критички осврт кон општествените појави.
По повод годишнината ќе бидат прикажани десет кратки анимирани филмови создадени меѓу 1976 и 1980 година, меѓу кои „Граница“, „Стоп“, „Бело топче“, „Стрелби“, „Буквар за писмени“, „Последниот прозорец“, „Циркус“ и „Рака“.
Според организаторите, проекцијата претставува можност за повторно запознавање со творештвото на Марковиќ и потсетување на неговиот придонес во развојот на македонскиот анимиран филм.
Со настанот, Кинотеката ја продолжува својата мисија за зачувување и промоција на националното филмско наследство и на авторите кои оставиле трајна вредност во македонската култура и кинематографија.

