Мора да се искористи секоја шанса да се презентираат позициите на Македонија, кои многумина не ги поддржуваат или разбираат. На маса со Марта Кос, Урсула Фон Дер Лајен, Герт Јан Коп во Брисел, па на состанок во Берлин организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, на кој учествуваа и американските претставници и преговарачи за Украина Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а телефонски се вклучил и Доналд Трамп.
Премиерот Христијан Мицкоски оваа недела беше во дипломатска офанзива на која што се разговараше за повеќе теми, како што е проширувањето на ЕУ, но и безбеносната состојба во Европа и војната во Украина. За македонската дипломатија и повеќе од важно е на вакви состаноци да има наши претставници, со оглед на тоа што така може да се презентираат нашите позиции. Извршниот директор на Еуротинк Димитар Николовски за Алфа вели дека е добро што покажуваме активна дипломатија и дека треба да се искористат ваквите видови состаноци.
-Особено важно е тоа што се случува на маргините и колку нашите претставници ќе можат да ја искористат шансата да се сретнат со клучните носители на одлуки во Европа и да ја презентираат нашата позиција. Имам страв дека немаме поддршка, уште помалку разбирање за нашата позиција во моментов. Така да е многу важно на вакви средби да се искористи за директно да се разговара за оние што одлучуваат во Европската Унија за да се презентира нашата позиција и да изнајдеме некакво решение, изјави Николовски.
На маргините премиерот Христијан Мицкоски се сретна и со последниот бугарски цар и поранешен премиер на Бугарија Симеон Сакскобурготски, кој диреткно удри по нелогичната и блокаторска политика на Румен Радев и неговите претходници, велејќи дека историјата треба да се остави на историчарите, а Македонија да влезе во Европската Унија. Според Николовски, неговите зборови можеби немаат некое значење, но добро е што некој во Софија покажува разум.
-Може да има некое значење, меѓутоа верувам дека тој веќе не е влијателен политичар, т.е. и не е политичар во моментов, меѓутоа може заради разновидност на ставовите внатре во Бугарија, кои се прилично унисони барем во оној мејнстрим што се однесува до Македонија, изјави Николовски.
По состанокот во Берлин на тема праведен и траен мир во Украина, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерот Христијан Мицкоски порача дека пред нас ќе биде тешка зима насекаде во Европа и во Македонија, но дека Владата работи на стратегии со кои граѓаните ќе почуствуваат што е можно помалку последици од глобалните предизвици. На состанокот Мицкоски учествуваше заедно со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.
Матеја Петровски

