Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска, во Собранието, изјави дека кај даночните закони нема ретроактивност и дека Управата за јавни приходи (УЈП) постапува во согласност со законските одредби, кои дозволуваат проверка на неплатени даночни обврски до пет години.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Рина Ајдари од Европскиот фронт, која обвини дека УЈП ретроактивно поднесува даночни пријави за работници во странство, при што најпогодени биле граѓани од албанската етничка припадност од Полошкиот и од Кумановскиот Регион, Димитриеска-Кочоска ги отфрли ваквите тврдења.
Таа нагласи дека не станува збор за ретроактивност, туку за законска можност во рок од пет години да се утврдат и наплатат непријавени даночни обврски.
– Кај законите кога станува збор за даноци, нема ретроактивност. Законот дозволува пет години да се вратите, тука нема ретроактивност, туку пет години оној што нема платено данок, има обврска да го плати – појасни Димитриеска-Кочоска.
Министерката за финансии оцени дека е несоодветно даночните прашања да се поврзуваат со етничката припадност на граѓаните посочувајќи дека првите реакции за ова прашање дошле од лица од Куманово, кои работеле во Авганистан и биле од македонска етничка припадност.
– Не знам зошто и од оваа тема се трудите да направите повторно етнички тензии кога, на пример, првите граѓани или даночни обврзници што реагираа беа луѓе што работеле во Авганистан од Куманово, Македонци. Македонци беа првите што реагираа, не беа Албанци. Данокот не препознава Македонци или Албанци. Законот важи еднакво за сите. Данокот не препознава Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи или која било друга етничка заедница. Сите граѓани се еднакви пред даночните прописи – истакна Димитриеска-Кочоска.
Според Димитриеска-Кочоска, УЈП во изминатиот период повеќепати ја информирала јавноста за обврските на граѓаните што остваруваат приходи од странство и е надлежна институција за спроведување на законските процедури.
– Искрено сум изненадена од ова прашање: Дали е платен данокот или не е платен данокот? Прашањето е тоа. Управата за јавни приходи мислам дека во изминатиот период многупати одговараше во однос на ова прашање и имаше известувања до граѓаните. Тоа што некогаш не се презеле контроли, а сега се преземаат, тоа е одлука, најверојатно, на луѓето што работеле и во регионалните дирекции – изјави Димитриеска-Кочоска.
Според Димитриеска-Кочоска, евентуалното непреземање контроли во минатото не ја поништува законската обврска за плаќање на данокот и нагласи дека институциите имаат право во законски предвидениот рок да побараат наплата на непријавените обврски.
– Во рокот од пет години има обврска тоа да го констатира Управата за јавни приходи и да го побара да се плати. Еве, не ни се вратиле 10 години, не ни се вратиле 6-7 години, пет години. Иако верувам дека ако се врателе и 6-7 години, ќе имало ситуации да не се платени даноците, но не се вратиле затоа што законот дозволува да се вратите само пет години – рече Димитриеска-Кочоска.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека сите граѓани сме еднакви во оваа држава, а особено кога станува збор за даноците.
– И, ве молам, кога станува збор за даночни обврски, немојте да мешате етнички припадности. Сите граѓани сме еднакви во оваа држава од многу аспекти, а па за данокот особено – изјави Димитриеска-Кочоска.

