Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од помошникот на министерот за Полициската академија, м-р Влатко Митковски, учествуваше на 15. меѓународна конференција на Меѓународната асоцијација на полициски академии (ИНТЕРПА), како и на 15. состанок на Генералното собрание и 30. состанок на Извршниот одбор на Асоцијацијата, што од 16 до 18 ноември се одржува во Доха, Катар.
Конференцијата, како што информира МВР, била посветена на темата „Идната улога на полициските академии во создавањето и управувањето со безбедносното знаење во ерата на дигиталната трансформација“, при што учесниците дискутирале за современите предизвици и перспективи во полициското образование и обука.

Во фокусот на дискусиите биле стратешкото управување со безбедносното знаење, дигиталната трансформација на полициските институции, примената на вештачката интелигенција, справувањето со сајбер-криминалот и дигиталните истраги, како и претворањето на практичните полициски искуства во институционално знаење. Биле разгледани и прашања поврзани со современото лидерство, мотивацијата на вработените и унапредувањето на професионалните капацитети преку меѓународна размена на знаења и искуства.
Значаен придонес на делегацијата на МВР, се вели во соопштението, била и презентацијата на заклучоците и препораките од Работилницата за женско лидерство во полицијата, одржана во Скопје, во рамки на состаноците на Генералното собрание и Извршниот одбор. Притоа, акцент е ставен на унапредувањето на родовата еднаквост, јакнењето на лидерските капацитети и создавањето можности за професионален развој и поголемо учество на жените во раководните структури на полицијата.

На состаноците биле разгледани и идните активности на Асоцијацијата, како и можностите за продлабочување на соработката меѓу земјите членки, насочена кон јакнење на институционалните капацитети и унапредување на полициското образование и обука.
Од МВР оценуваат дека учеството на овие меѓународни настани претставува потврда на посветеноста на Министерството кон развојот на меѓународната полициска соработка, размената на добри практики и континуираното унапредување на професионалните стандарди во полицијата.

