Реклама

30-дневен притвор за Кристијан Корабоски, кој до бесознание ја претепа Сара

Панел-дискусии во Собранието по повод 35-годишнината од донесувањето на првиот Устав

Успешен старт на предвремениот откуп на тутунот – 435 денари за прва класа, најавено зголемување на субвенциите

Реновираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе биде отворен во јануари, од февруари сместување

„Јавачи на трагедии“: Во отсуство на идеи, СДСМ спасот го гледа во злоупотребата на народниот гнев

35 години Устав на Македонија: Кратка, но и повеќе од бурна историја- до сега менуван осум пати, сега под бугарски притисок за нови измени

Кравите од Крива Паланка стигнаа до НАТО: градоначалникот бара меѓународна помош

АНБ и БЈБ открија проиранска мрежа која обучувала македонски државјани за атентат во Грција

Правда за Сара: Остри реакции од политичките лидери и партии

МКЦ се враќа на старите патеки: Новото издание на МОТ почнува на 18 ноември

Од барање за 30 дена кризна состојба до 10-дневна магија: Како градоначалникот Митовски ќе ги собира кравите во Крива Паланка?

Димитриеска-Кочоска: Буџетот за 2027-ма носи раст и јавен долг под 60% од БДП

Македонија

Ѓорѓиевски: Скопје ги консолидира финансиите, реализира капитални проекти и ја зајакнува инфраструктурата

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски го презентираше едногодишниот отчет за сработеното…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски го презентираше едногодишниот отчет за сработеното оценувајќи дека во изминатите 12 месеци градската администрација успеала да ја стабилизира финансиската состојба, да ги деблокира клучните проекти и да започне нов инвестициски циклус во инфраструктурата, јавниот превоз и животната средина.

Тој посочи дека при преземањето на функцијата биле наследени речиси 300 милиони евра долг, финансиски оптоварени јавни претпријатија и повеќе заглавени капитални проекти.

– За Скопје повторно да гради, мораше финансиски најпрво да застанеме на нозе. За само неколку месеци ја консолидиравме финансиската состојба. Тековните обврски на Градот Скопје ги намаливме за 322 милиони денари и за дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, неисплатени експропријации, изгубени судски постапки со камата и судски трошоци, неисплатени субвенции и преземени програмски активности. Обврските на „Водовод и канализација“ ги намаливме за 1,66 милијарди денари, на ЈСП за 634 милиони денари, за „Комунална хигиена“ ги намаливме за 122 милиони денари, „Паркови и зеленило“ за 114 милиони денари, „Градски паркинзи“ за 53 милиони денари, како и „Улици и патишта“ за 32 милиони денари. Музејот на Град Скопје, кој имаше сериозни долгови и исклучена струја, денес има нула денари обврски. КИЦ исто така има нула обврски. Детскиот културен центар и Домот за култура „Кочо Рацин“ исто така целосно ги раздолживме за само година дена, рече Ѓорѓиевски.

Реклама

МКЦ, посочи тој, ги намали обврските за 7,6 милиони денари, а обезбедивме средства за Планетариумот, киното „Милениум“ повторно да го вратиме како градско кино и е-спорт центарот што тука полека, но сигурно се гради, Зоолошката градина ги намали своите обврски за околу пет милиони денари, а Градската библиотека за 2,5 милиони денари со дополнително намалување од 2,5 милиони денари наредниот месец. Потенцира дека по најдобриот прв квартал во историјата на Градот Скопје го реализирале и најдобриот втор квартал според реализацијата на капиталните проекти – враќаат долгови и инвестираат истовремено во развојот, со дисциплина, домаќинско работење и почит кон секој денар на нашиот народ.

– Драги скопјани, предолго се чекаше на булевари што требаше да поврзат населби и на мостови што требаше да го олеснат животот на нашиот народ. Се зафативме токму со тие проекти за рамномерен развој, уреден јавен простор и проточни сообраќајни врски во сите делови од нашето Скопје. Булеварот „Борис Трајковски“, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, влегува во својата завршница. До крајот на годината, а можно е и пред зададениот рок, 100.000 наши граѓани ќе добијат целосно проширен, модерен и безбеден булевар на кој се чекаше повеќе од 30 години. Привршува и сложената клучка кај Момин Поток, значајна за развој на три наши општини. Забрзано работиме на бул. „Македонија“. Тоа е првата подземна сообраќајница во Градот Скопје. Улиците што ќе се слеваат кон неа ги проширивме и приспособивме за зголемениот сообраќај и продолжуваме со следните градежни фази, рече Ѓорѓиевски. 

Во Карпош, нагласи градоначалникот, преку новиот мост на Вардар ги поврзуваме „Љубљанска“ и „Скупи“ – врска што ќе биде исто така готова до крајот на оваа календарска година, а ја расчистивме и трасата и веќе се асфалтираат пристапните улици на булеварот „АСНОМ“ низ Керамидница, за конечно ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Со овие проекти, појасни, ќе го растовариме сообраќајот и за првпат ќе поврземе досега неповрзани делови од нашиот град. Тој истакна дека привршува и јавната набавка за проектирање и изведба на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар со повеќе од 500 паркинг места, значајни за пациентите, медицинскиот персонал, како и за студентите кои таму студираат.

– Нов асфалт изминатава година добија и улицата „Перо Наков“ во Гази Баба и „Фрањо Клуз“ во Аеродром. Обновена е улицата „101“ во Волково, се гради булеварот „Македонско-косовска бригада“ во Чаир, се реконструираат „Бутелска“, „Радишанска“ и „Лазо Трповски“, а започна и реконструкцијата на „Лазар Поп-Трајков“ во Автокоманда. Целосно ги реконструиравме и надвозникот „Естакада“ во Гази Баба и улиците кон Горно Оризари во Шуто Оризари, каде следуваат и други инфраструктурни зафати. Уредуваме пешачко-велосипедски патеки долж улиците и булеварите, на кејот на Вардар и покрај Серава. Поставивме околу 2.000 столпчиња за поголема безбедност и ослободување на јавниот простор. Ја откочивме изградбата и на прочистителната станица во Трубарево, а таа е веќе реализирана над 40 отсто, истакна Ѓорѓиевски и додаде дека со околу 60 објекти, најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија ќе донесе историска промена во заштитата на Вардар, животната средина и здравјето на нашиот народ.

Тој посочи, нова водоводна мрежа добија Нерези, Бел Камен и Горно Лисиче, темелно ја обновуваме и подната фонтана на плоштадот „Македонија“, повторно проработија Лотосов цвет, Воинот на коњ, Филип Втори Македонски, Олимпија и Паднати борци, засветија вечниот оган и споменикот на децата бегалци во паркот „Жена-борец“; градот се обновува во секој негов дел, со решителност да се заврши тоа што предолго било оставено за подоцна.

Според него, градскиот превоз мора да биде сигурност за граѓаните. Потенцира дека ги отстраниле пречките за реализација на БРТ системот, го изменивме проектот, постојното зеленило нема да се сече, а автобусите ќе се движат по лентите околу средишното зеленило. Благодарение на Владата, премиерот и Министерството за транспорт и врски, нагласи, од 1 септември градскиот воз сообраќа на релацијата Зелениково – Скопје, што значи побрзо и побезбедно патување, финансиска заштеда и помало загадување од сообраќајот.

– Во првите шест месеци од годината ЈСП заштеди половина милион евра за гориво споредено со истиот период лани, при глобален раст на цените и со дополнително вклучени 50 автобуси. По цела деценија, Скопје ќе добие 100 нови еколошки автобуси. Сите службени возила на Градот Скопје и јавните претпријатија ги опремивме со GPS навигација и ги следиме преку современ мониторинг центар за поголема контрола и заштеда на горивото. Драги скопјани, чист град се одржува со секојдневен труд, организација и опремени служби. Со голема акција го исчистивме Скопје и ја оставивме зад нас сликата на преполни контејнери, натрупано ѓубре, диви депонии и нечисти јавни површини. Со поддршка од Владата добивме специјални возила, цистерни и метларки кои веќе се вклучени во одржувањето на хигиената, рече Ѓорѓиевски.

Со сопствени средства, потсети тој, набавивме и дополнителни специјализирани возила за комуналната хигиена, пристигна и првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, најголема ваква набавка во изминативе неколку децении, по речиси двојно пониска цена од претходните набавки, во услови на глобално зголемени цени, а дополнително воведуваме услуга со која граѓаните еднаш неделно ќе можат да го депонираат кабастиот отпад, бесплатно, во депонијата „Дрисла“.

Тој рече дека по физибилити студија забрзано се одвива одгасувањето на „Вардариште“ и безбедното отстранување на површинскиот мешан и градежен отпад, таму ќе подигнат современ мегапарк од околу 600.000 метри квадратни – простор за рекреација и чист воздух и тоа ќе бидат новите бели дробови на Градот Скопје.

– Кон загадувачите немавме толеранција изминатава година. Спроведуваме редовни и вонредни инспекциски надзори на индустриските капацитети во текот на целата година. Изречени се многубројни глоби и опомени, а контролите ќе продолжат и во наредниот период. На црните точки наскоро ќе поставиме и видеонадзор за спречување на диви депонии и вандализам врз урбаната опрема и јавните површини. Го дигитализираме целосно Инспекторатот за поефикасна работа, но и за да ја намалиме корупцијата. Нема да дозволиме неодговорноста на поединци да го уништува она што им припаѓа на сите скопјани. Во моментов подигаме 200.000 квадратни метри ново зеленило, мегапаркови и зелени коридори, истакна Ѓорѓиевски.

Нов мегапарк, прв откако сум градоначалник, посочи, доби Бутел долж бул. „Христијан Тодоровски Карпош“, во тек е и изградба на парк покрај Вардар во Сарај, а во Ново Лисиче, кај последната станица на автобусот со број 5, со градоначалникот од Аеродром започнавме проект за подигнување на ново зеленило, трите дела на паркот „Македонија“ ги уредивме со нова урбана опрема, подигнуваме зелени коридори долж улиците и булеварите, коридорот на главната улица во Ѓорче Петров е речиси завршен, го штитиме и обновуваме зеленилото во парк-шумата Водно, темелно го реконструиравме и делот од патот кон Средно Водно, за првпат поставивме ново ЛЕД осветлување и уредивме мотопарк со природни препреки и реквизити за рамнотежа, координација и физичка подготвеност на децата и возрасните.

– Луѓето кои ги ризикуваат своите животи за да спасат туѓи животи заслужуваат сигурни услови за работа. Со ребалансот обезбедивме средства за нова противпожарна заштита и изградба на нова противпожарна станица во Аеродром, близу Центарот за јавно здравје. Таа ќе овозможи побрзи технички интервенции, спасување животи и поефикасна заштита од пожари во урбаната средина и на отворено. Преку донација обезбедивме ново специјализирано навално противпожарно возило, а бригадата ја зајакнавме изминатиов период и со нов кадар. Нашите пожарникари го чуваат Скопје и наша обврска е да се грижиме за нивната безбедност и подготвеност, истакна Ѓорѓиевски. 

Тој потенцира дека учебната 2026/2027 година започнала со современи кабинети по математика и физика и лаборатории по хемија и биологија, се гради и паметен пластеник – училишна лабораторија што ги поврзува образованието, науката, технологијата и земјоделството, обезбедиле наставна опрема, дидактички помагала, интерактивна технологија, нов мебел, клупи и столчиња… чилиштата добиле спортски терени, фитнес зони, смарт табли, прочистувачи за воздух и информатички кабинети, ја реализирале досега најголемата набавка за средното образование од Градот Скопје, работат две средни училишта да добијат топлотни пумпи во наредниот период, а и четири фотоволтаици, за помали трошоци за енергија и заштита на животната средина, во средното училиште „Димитар Влахов“ отвориле современо опремен фризерско-козметички салон за практична настава, учениците добиле простор во кој ќе ги усовршуваат техниките, ќе работат со професионална опрема и ќе учат да комуницираат со клиенти, да излезат од училиштето подготвени за својата професија.

Најави дека во наредниот период ќе отворат уште два такви салона, а од наредната година бесплатно ќе се потстрижуваат пензионерите во Градот Скопје.

Градоначалникот посочи дека за првпат обезбедиле лаптоп за секој првенец на генерација, летен едукативен камп и награди за исклучителни резултати во спортот и образованието, како и бесплатни униформи за учениците од прва година средно образование, за првпат досега во нашиот град.

– Вложуваме и во спортот, во здравјето, дисциплината и победничкиот дух. На Кејот на Вардар уредивме спортски комплекси, реконструирани игралишта за фудбал, кошарка, ракомет и одбојка на песок, нова урбана опрема и современи фитнес зони. Ги обновивме и терените во Маџир Маало. Посебно сум горд, на „Расадник“, кој во мојот мандат во Кисела Вода ја затекнавме како руинирана и девастирана сала. Со посветена работа и силна поддршка од премиерот Христијан Мицкоски денес е модерен спортски објект, обновен терен, трибини, соблекувални, простории за стручните тимови, теретана, придружни содржини и сопствен систем за греење и ладење. Изминатава година во Домот на културата „Кочо Рацин“ со УНДП отворивме младински хаб, што младите и младинските организации бесплатно го користат за работилници, едукација и реализација на нивни идеи, рече Ѓорѓиевски. 

Тој истакна дека изминатата година отворил шелтер центар за жртви на семејно насилство, во МКЦ отвориле центар за дневен престој за лица со попреченост од 14 години и нагоре, прв од ваков вид во нашиот главен град, отвориле и центри за лица со дијабетес и со церебрална парализа, со директна помош, советување, едукација, дружење, психосоцијална поддршка и секојдневна грижа, обезбедиле парична помош за повеќе од 1.500 онколошки пациенти како поддршка во нивната тешка борба со која се соочуваат, младите брачни парови и самохраните родители ги ослободуваат од комуналии за да изградат свој дом, да имаат посигурен почеток, покрив над главата и место во кое ќе градат иднина со своето семејство.

По интензивните и суштински разговори во Брисел, нагласи тој, Скопје официјално ја задржа титулата Европска престолнина на културата за 2028 година. Посочи дека со скопските општини, највисоко рангираните универзитети во Република Македонија и меѓународните партнери подготвуваат културна програма што ќе ги претстави нашите можности, нашата традиција, историското наследство и почитта кон различностите.

Нагласи дека во Музејот на Град Скопје ја отвориле првата инфо-канцеларија на „Скопје 2028“; се гради Универзалната сала – симболот на солидарноста и културниот идентитет на Скопје, во тек е и уредувањето и ревитализација на Скопското кале, Камениот мост доби ново декоративно и архитектонско осветлување, по години пауза повторно го поддржавме и „Скопско лето“, како и многубројни културни, забавни манифестации за сите генерации во Градот Скопје… истовремено создаваат посовремена администрација и подостапни услуги во градот, а преку „Даноци е-пеј“ (e-Pay) овозможиле електронска достава на даночните решенија, покрај прегледот на обврските, финансиската картица и електронското плаќање.

– Даночниот ГИС портал овозможува просторно прикажување и проверка на имотните податоци. Репроценката на недвижен имот во Центар е во завршна фаза за подобри евиденции и поточна даночна основа. Градскиот ГИС портал обезбедува информации за урбанистичко планирање, инфраструктура, зеленило и други градски содржини. Изработуваме и дигитална реплика на Скопје за поврзување и анализа на просторните податоци и подобро планирање и одлучување за градот. Го реализиравме и порталот за соларен потенцијал за информирање за користење на граѓаните на сончевата енергија. „Еко Скопје“ беше промовирана на 20 октомври 2026 година и истата овозможува пријавување еколошки проблеми со локација, фотографии и опис, како и следење на статусот на сите тие пријави. Со УНДП продолжуваме да ги развиваме даночните системи, дигитализацијата, урбанистичкото планирање и заштитата на животната средина за поквалитетни податоци, поефикасни услуги и поголемо учество на нашите граѓани, рече Ѓорѓиевски.

Се надоврза на започнувањето на голема есенска акција за засадување на повеќе од 6.000 нови садници во нашиот главен град, за да го надоместат загубеното зеленило и да ги раззеленат парковите и јавните површини – го подготвуваме капиталниот проект за мост и улица што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај и ќе создадат нов влез во Градот Скопје, работиме на проектите за булеварот „Хасан Приштина“ и за новиот мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари и од наредната година ќе започнеме со реализација на тој мост.

Најави дека до крајот на неговиот мандат Скопје ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница, верува дека идната година, по планираната реконструкција, повторно ќе го стават во функција и градското кино „Милениум“ и додаде дека сите овие проекти имаат една цел, а тоа е подобар живот за нашите скопјани – град што функционира денес и што се подготвува за децениите што доаѓаат.

– Денес положувам отчет за една година, но обврските што ги преземавме се поголеми и од еден отчет и подолги од еден говор. Таа обврска е Скопје повторно да стане град во кој луѓето ќе веруваат, град што ќе им дава сигурност на семејствата, можности на нашите млади и достоинство на повозрасните. Затоа пред вас давам збор дека програмата за којашто добивме доверба од сите вас, до крајот на мојот мандат ќе ја исполниме во целост. Свесен сум за тежината на тие зборови и свесен сум дека секое очекување и секој проблем, на вас, скопјани, сè уште чека решение. Токму затоа нашата работа мора да продолжи со уште поголема сила и уште појако темпо. Секој завршен проект нè обврзува на следниот, секое исполнето ветување нè приближува до градот што ви го ветивме, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.