На денешната седница на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади се одржа јавна расправа по предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството, на која пратениците и експерти од областа дадоа свои мислења и предлози.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството, со кој се воспоставува законски механизам за пристап до податоците за посвојувањето под услови и во постапка утврдени со закон е во насока на усогласување на домашното законодавство со стандардите од членот 8 од Европската конвенција за човекови права и извршување на пресудата.
Предложените измени, според претставникот на предлагачот, Движењето ЗНАМ, пратеничката Весна Бендевска, произлегуваат по одлуката на Европскиот суд за човекови права од Стразбур во предметот Митревска против Македонија.

– Членот 123 А во постојниот Закон предвидува забрана за пристап до податоците од посвојувањето третирајќи ги како службена тајна. Но, Европскиот суд за човекови права од Стразбур во предметот, сега веќе легендарен, Митревска против Македонија утврди прекршување на член 8 сметајќи дека институциите во Македонија не воспоставиле рамнотежа меѓу различните интереси при одлучувањето на барањето на посвоеникот за пристап до информации што се однесуваат до медицински податоци од нивните биолошки родители. Европскиот суд утврди дека сегашната законска рамка не прави разлика ниту предвидува каков било исклучок од тајноста на податоците, а во случај кога пристапот до определени информации се бара тој е потребен од медицински причини – појасни Бендевска.
Марија Шикова, претставник од Министерството за социјална политика, демографија и млади истакна дека со предложените измени на Законот за семејството се уредува прашањето на пристапот до податоците и документацијата од предметите за посвојување.
– Сметаме дека станува збор за едно исклучително значајно и чувствително прашање кое заслужува посебно внимание, пред сѐ поради неговата поврзаност со правото на посвоеното лице да го дознае своето биолошко потекло, но и со потребата од заштита на приватноста и личните податоци на сите засегнати лица – истакна Шикова.
Според неа, треба да се има предвид дека правото на посвоеното лице да добие информации за своето биолошко потекло може да опфаќа различни категории на податоци и потребно е разграничување помеѓу добивањето информации за сопственото потекло, пристапот до идентификациски податоци за биолошките родители, како и евентуално воспоставување контакт со нив.
– Во исто време, потребно е да се разгледаат и прашањата поврзани со пристапот на посвоителите и крвните сродници до документацијата за посвојување имајќи предвид дека станува збор за различни правни ситуации и различни интереси – појасни Шикова.
Смета дека е важно законските решенија да бидат јасни и применливи, односно да овозможат надлежните институции да постапуваат врз основа на утврдени правила и критериуми со соодветно разгледување на околностите за секој конкретен случај.
– Нашата заедничка цел треба да биде изнаоѓање решение кое ќе овозможи и соодветно остварување на правото на посвоеното лице да го дознае своето потекло, а истовремено ќе обезбеди почитување и заштита на правата и интересите на сите засегнати лица – нагласи Шикова.
Даница Џонова од Биро за застапување на Република Македонија во Европскиот суд за човекови права информира дека по достапноста на текстот од предлог-измените направила консултации со Одделот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права и оти немале забелешки на предложениот текст. Предложениот текст, нагласи дека го оцениле како добра и солидна правна основа за натамошна регулација.
Мартина Дранговска Мартинова од Македонско здружение на млади правници, кое покренало предмет за Митревска против Македонија пред Европскиот суд за човекови права, што е наведен во образложението на предложените измени, рече дека го поддржуваат донесувањето на овој закон. Предлагаат законот да утврди четири критериуми: причините за барањето и значењето на податоците за идентитетот и здравјето на посвоеникот, изјавата на биолошкиот родител и причините за неа, времето поминато од посвојувањето и последиците со одлуката за секое засегнато лице.
Предложеното законско решение според претседателката на здружението „Куќа на среќата“ Маргарита Талески, претставува позитивен исчекор во насока на усогласување на домашното законодавство со стандардите и член 8 од Европската конвенција.
– Сметаме дека одредени прашања коишто се во овој предлог треба дополнително да се прецизираат, да се уредат директно во законот, а не да бидат уредени со правилник, со цел да обезбедиме правна сигурност, еднаков третман и спречување на поширока дискреција при одлучувањето на предвидената стручна комисија – истакна Талески.
Предложи забелешки за прецизирање на опфатот на правото на увид или како што е во предлогот „ограничен увид во списите“, утврдување конкретни законски критериуми за одлучување на комисијата, уредување на прашањето за согласноста на биолошките родители…
– Сметаме дека законски треба да се разграничат медицинските, неидентификувачките и идентификувачките информации со јасно утврдување на условите за пристап до секоја категорија. Посебно сметаме дека пристапот до медицинските и неидентификувачките информации треба да биде овозможен како правило – посочи Талески.
Според неа, суштинските прашања што се однесуваат на обемот на правото, условите за ограничување, критериумите за одлучување, независноста на комисијата, роковите и правните лекови мора да бидат утврдени директно со закон, а не да бидат препуштени на подзаконско регулирање затоа што така се дава определена дополнителна слобода.

