Со мотото „Овој пат таа кажува“ од 18 до 24 ноември во Скопје ќе се одржи 51. издание на Млад отворен театар (МОТ), посветено на жената и женското авторство во современиот театар. Годинашната програма ја сочинуваат претстави режирани исклучиво од жени, кои преку разни сценски јазици и авторски пристапи отвораат прашања за личната и колективната слобода, идентитетот, љубовта и положбата на жената во општеството.
Програмата на прес-конференција ја претставија македонските режисерки Нина Николиќ со претставата „Последниот час по клавир“ и Теодора Силјаноска со „Кокошка“, директорот на Младинскиот културен центар, Димче Арсовски, и членовите на програмскиот тим – Филип Николовски и Кирил Мечалов.
Николиќ потсети дека во 2003 година, кога волонтирала на МОТ, во програмата имало само една претстава во режија на жена. Според неа, годинешното издание е значајно затоа што првпат сите претстави се режирани исклучиво од жени. Нагласи дека е важно да се исправи историската нерамнотежа и да се обезбеди поголема застапеност на жените во културата и во јавниот простор.
– Денеска, во 2026 година, првпат во историјата на фестивалот, на програмата има претстави режирани исклучиво од жени. Метафорично или судбински, за да нè потсети дека, ако сакаме да ја исправиме историската неправда кон жените, должни сме на секое поле – во политиката, образованието и културата, да имаме најмалку 51 процент жени – рече Николиќ.

Нагласи дека овој фестивалски момент се случува во период на сериозни општествени предизвици посочувајќи на протестите против насилството врз жените и фемицидите. Според неа, театарот треба да ја менува свеста и да поттикнува еднаквост, а претставата „Последниот час по клавир“ ја прикажува силата на оние што не се откажуваат од борбата за достоинствен живот.
Режисерката Теодора Силјаноска, која првпат учествува на МОТ, рече дека ѝ причинува задоволство што е дел од програмата и дека „Кокошка“ преку апсурден и хумористичен свет отвора прашања за суштински човечки односи.
Фестивалот на 18 ноември ќе го отвори „Кратки приказни“ на Театар „Антон Подбевшек“ од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ-Першин, театарски експеримент што ги поврзува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата. Истата вечер, во клубот на МКЦ, ќе биде изведена „Последниот час по клавир“ на „Театар 071“ и „Перипетија“, во режија на Нина Николиќ, интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост.
На 19 ноември е „Кокошка“ на Театар „Вортекс“, во режија на Теодора Силјаноска, според текст на Николај Кољада. Претставата, која ќе се изведе во Театар „Комедија“, преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата и потребата за признание и слобода.

Меѓу регионалните гостувања се и „Манифест“ на Словенското младинско гледалишче и „Глеј театар“, во режија на Татјана Першух, кој ги отвора прашањата за технолошкиот развој и неговите последици, „Три жени“ од Србија, авторски музичко-поетски театарски проект посветен на женското творештво и историското потиснување на женскиот глас, како и „Закопани чуда“, во режија на Нина Виолиќ, интимна мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста.
На 21 ноември, во бифето на МКЦ, ќе настапи ARBËRESHË, уметница од Косово, која живее и твори во Швајцарија. Нејзиниот музички израз ги спојува традиционалната албанска музика и современиот звук. Концертот е дел од програмата на МКЦ во рамките на европската музичка платформа Liveurope, а влезот е бесплатен.
На 22 ноември ќе биде изведена „Свињи“ на „Златен Елец“, во продукција на Центарот за култура – Битола, а во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец. Претставата ја следи приказната за две сестри и нивниот сложен однос отворајќи прашања за слободата, човечката природа и границите меѓу човекот и животното.
Во програмата на 23 ноември се два перформативни проекти во соработка со „Локомотива“ – „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ на Викторија Илиоска и „Мочуришна драма (АТ)“ на Марија Хубер.
На 24 ноември ќе биде изведена „Мојот маж“ на грчкиот театарски колектив „Процес“, во режија на Марија Манганари, според расказите на македонската писателка Румена Бужаровска.

Во своето обраќање, директорот на МКЦ, Димче Арсовски, истакна дека МОТ е важен дел од напорите за враќање на МКЦ на местото што припаѓа и најави поголем простор за културата во градот.
– МОТ е и тоа како важен фестивал за МКЦ. Особено ми е драго што годинешното издание е посветено на жените и што се поклопува со целокупната јавна ситуација, во која треба малку повеќе да се заинтересира јавноста за сè она што се случува во однос на жените – рече Арсовски.
Информира дека подготовките за фестивалот се одвивале во текот на годината и дека институцијата добила поддршка од Град Скопје во износ од 1,5 милион денари и од Министерството за култура и туризам во износ од два милиони денари. Тој посочи и дека повторно е активирана веб-страницата на МКЦ преку која е овозможена и онлајн продажба на билетите.
Билетите за претставите се продаваат преку bileti.mkc.mk и на билетарницата на МКЦ. Цената е 400 денари, со исклучок на „Кокошка“, за која билетот чини 600 денари.

