Националниот парк Шар Планина информира дека во тек се нивни активности за пошумување на 12 хектари на Шар Планина со нови 30 илјади садници. Предвидено е пошумување во околината на Ѓермо со шест хектари, како и околу Сетоле каде садниците ќе бидат распоредени на две површини од по три хектари.
-Имавме посета од нашите партнери од Холандија, со кои заеднички ги посетивме површините на кои во моментов се одвиваат активностите за пошумување, како и дел од локациите пошумени минатата година, за да ја проследиме состојбата и развојот на младите насади. Оваа есен продолжуваме со обновување на шумите на Шар Планина, преку соработка со Пјур Промис (Pure Promise), со која е обезбедена донација за подигнување и одгледување на насадот во период од три години, информираат од НП Шар Планина преку Фејсбук профилот.

За пошумувањето се предвидени автохтони видови дрвја, меѓу кои ела, смрча, бел бор, бука и јавор, со избор и распоредување според природните услови на теренот.

-Особено важно е што соработката не завршува со садењето. Во наредните две години е предвидена редовна нега, следење на здравствената состојба на садниците и дополнување таму каде што ќе биде потребно. Посетата беше можност и за заеднички увид во резултатите од минатогодишното пошумување, размена на искуства и разговор за понатамошните активности за обновување на шумските екосистеми. За нас, пошумувањето не значи само засадување нови дрвја. Тоа е долгорочен процес на обновување на оштетените шумски површини, враќање на природната вегетација и создавање услови за развој на здрави и отпорни шуми, велат од Националниот парк Шар Планина.

