Со новиот Кривичен законик конечно треба да се стави ред во правниот хаос и сите кривични одредби, кои досега беа распрскани во над 60 различни закони, се собрани во еден законски текст. Академик Владо Камбовски, кој е уште од 2019 година е предводник на работната група за изработка на новите законски решенија потенцира дека реформата носи комплетно усогласување со директивите на ЕУ, прецизирање на спорниот член 353 за злоупотреба на службената положба, но и соодветна законска рамка за новите облици на криминал. Од еколошки и компјутерски криминал, па сè до сообраќајната безбедност и проширената конфискација.
„Беа донесени над 60 посебни закони, во посебни области, здравство итн. каде беа предвидени посебни кривични дела и со тоа се наруши принципот на кодификација.Значи распрскани кривични дела во различни закони предизвикува судир или потешкоти во примените. Потребно беше сите тие дела да се преиспитаат да се кодифицираат и да влезат во еден законски текст. Тоа е една голема работа, нема само номотехнички карактер“, вели академик Владо Камбовски.
Во однос на застарените предмети за висока корупција, Камбовски е категоричен дека институциите пропуштиле да ги искористат законските механизми што им стоеле на располагање уште порано. Сепак како што вели, се не е и загубено:
Мене не ми е јасно зошто обвинителство не се и не беа поактивни и не се поактивни да ги земат сите тие случаи па да видат, сеедно што делото е застарено, бидејќи во КЗ остана таа одредба, постоеше и тогаш постои и денс, дека ако постои правна пречка за водење на кривична постапка се спроведува посебна постапка за конфискација на криминалните приноси врз принципот од неправо не може да стане право, односно на никого не може да му се остави да ја легализира криминалната корист што ја остварил со злоупотребата на службената положба и овластување., вели академик Камбовски.
Во однос на забелешките од Европската Унија за злоупотребата на службената положба Камбовски смета дека прешироката дефиниција за службената должност досега создавала проблеми, но со новиот законик сега тоа е попрецизно утврдено
„Значајно е другото дополнување што покрај основното дело злоупотреба на службената должнст сега е развиена попрецизно разработена инкриминацијата на злоупотреба при јавни набавки, давање концесии и договори за јавно и приватно партнерство, вели Камбовски.
Новите законски решенија се носат по три децении. Сите измени треба конечно да овозможат современа и заокружена правна рамка за поефикасна борба против криминалот и корупција како и да придонесат за поголема правна сигурност. Текстот е веќе испратен во Брисел за да се добие и мислењето од ЕУ.

