Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Европската комисија, преку инструментот TAIEX, денеска ја започна првата експертска мисија посветена на енергетската сиромаштија и спроведувањето на реформските обврски во енергетскиот сектор.
Експертската мисија ќе трае до 13 ноември, а во фокусот е Реформата 2.1.1.2 од Реформската агенда 2024 – 2027 година, која предвидува соодветни мерки за постепено приспособување на цената на електричната енергија на пазарно ниво, придружени со мерки за справување со енергетската сиромаштија.
Од Министерството посочуваат дека во оваа област веќе е постигнат значителен напредок преку воведување законски дефиниции за енергетската сиромаштија, донесување методологија за мерење на нејзиното ниво, како и спроведување годишни програми за заштита на ранливите потрошувачи на електрична енергија.
Целта на експертската мисија е размена на најновите европски искуства, стандарди и методологии за справување со енергетската сиромаштија и унапредување на механизмите за заштита на ранливите категории потрошувачи.
На настанот учествуваат претставници на националните институции, надлежни за оваа област, Регулаторната комисија за енергетика, Хабитат Македонија, како и меѓународни експерти од Грција и Бугарија, меѓу кои и претставници на грчкото регулаторно тело RAAEY и на бугарското Министерство за енергетика.

Во текот на четиридневната мисија ќе биде презентиран досегашниот напредок во спроведувањето на Реформската агенда од страна на Министерството за енергетика, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Регулаторната комисија за енергетика и Државниот завод за статистика.
Предвидена е и анализа на постојната регулатива за малопродажните цени на електричната енергија, примената на блок-тарифите како механизам за заштита, но и европските модели за заштита на домаќинствата и микро-потрошувачите на пазарот на електрична енергија.
Посебно внимание ќе биде посветено на националниот систем за социјална заштита, краткорочните и долгорочните мерки за поддршка, примената на мерките за енергетска ефикасност и искуствата од Грција и Бугарија во воспоставувањето опсерватории за следење на енергетската сиромаштија.
Во рамки на агендата ќе се разгледуваат и препораките од регионалните искуства, заштитата на потрошувачите во согласност со европскиот „Пакет за граѓаните во енергетиката“ (The Citizens Energy Package), како и пазарно базираните инструменти за унапредување на енергетската ефикасност.
Од Министерството оценуваат дека размената на експертски знаења и регионални искуства ќе придонесе за градење одржливи механизми за заштита на ранливите потрошувачи и исполнување на европските реформски обврски во енергетскиот сектор.

