Македонија доби значително подобар извештај од претходната година, на европскиот пат остануваме блокирани само поради егзибициите на претходната власт. Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од оценките кои државава ги доби од Европската Комисија, а како што вели и самиот евромбасадор Рокас потврди дека имаме значителен напредок за разлика од лани. Следната година извештајот треба да биде уште подобар, бидејќи во овој извештај не се опфатени реформите кои се во делот на борбата со корупцијата. Мицкоски смета дека тоа ќе биде само потврда на амбициите и напорите на оваа Влада дека е реформска.
-Извештајниот период не ги опфаќа оние реформи кои се направени во меѓувреме и ќе се направат до крајот на годината, посебно кога станува збор за борбата со корупцијата и владеењето на правото. Извештајниот период завршува до 31-ви август. Во процесот на Реформската агенда ние направивме многу важни реформи и кое што претставува дел од овие извештаи на ЕУ. Очекувам следната година на имаме уште посилен извештај, вели Мицкоски.
Мицкоски подвлекува дека ставот на Владата за уставните измени останува непроменет, под вакви услови, кои ги прифатија СДСМ и ДУИ тие се невозможни. Вели ќе се води дијалог со Бугарија и се надева тоа ќе вроди со плод.
-За жал, поради егзибициите и антидржавната политика на претходната Влада на СДСМ и ДУИ ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени. Иако многу пати во тоа време предупредувавме, бевме опозиција, да не навлегуваат во такви авантури, за жал, тоа не го послушаа. И сега можеби ние сме единствениот пример кој што покрај оние суштински реформи кои треба да ги спроведе, имаме и политички услови. Тоа е што е, изјави Мицкоски.
Дека се работи на дијалог со Бугарија потврдува и шефот дипломатијата Тимчо Муцунски. За тоа поддршка има и од европските институции и земјите членки на ЕУ, а македонските позиции се јасни и принципиелни.
Инаку, со извештајот на Европската комисија се нотира дека Македонија е во редот на најдобрите во исполнувањето на реформската агенда. За Европската Унија, особено е важно што Македонија ја има усогласено надворешната политика со политиките на ЕУ, со што јасно покажува дека останува на европскиот пат, а ЕУ тоа го нотира како позитивен сигнал.
Матеја Петровски

