Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска остварил средба со претставници на ГРЕКО (Група на држави против корупцијата), на која се разговарало за спречување на корупцијата и зајакнување на интегритетот и отчетноста на локално ниво.
– Одговорност за секоја одлука, отчетност за секој денар! Како градоначалник на Скопје, ја истакнав важноста на институционалната соработка и размената на добри практики за чесно и одговорно управување со јавните средства – напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

Тој посочил дека довербата на граѓаните се гради преку одговорно работење и транспарентни постапки.
-Довербата на граѓаните се заслужува со работа, со јасни постапки и со подготвеност да се даде отчет за секоја донесена одлука – наведе скопскиот градоначалник.
На средбата било разговарано и за поголема одговорност на службите и градоначалниците, како и за поактивно вклучување на невладиниот сектор во подготовката на финансиските планови и буџети.

-Граѓаните имаат право да знаат како се планираат и каде се трошат нивните пари – посочува тој.
Како што потенцира Ѓорѓиевски, Град Скопје работи на развој на дигитални алатки како механизам за спречување на корупцијата и унапредување на транспарентноста во работата на администрацијата.
-Со поедноставни процедури, подостапни информации и можност за следење на постапките, создаваме услови за потранспарентна и поодговорна администрација. Јавните средства се доверба што мора да ја оправдаме. Секој ден, со секоја одлука и со секое дело! – напиша скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.
Целата објава може да ја погледнете на следниот линк:

