Над 140 љубители на планинското трчање од Македонија и од странство денеска учествуваа на „Гратче треил“, во организација на Клубот за планинарски спортови „Осоговски орел“ од Кочани, со Општина Кочани како главен покровител.

Патеката долга 18 километри, по ридско-планински терен со висинска разлика од над 750 метри, беше предизвик за издржливоста и подготвеноста на учесниците, но и можност за доживување на природните убавини на пределот околу езерото Гратче.

Градоначалникот Владко Грозданов ги додели наградите на најуспешните натпреварувачи и ја истакна својата поддршка за ваквите настани и иницијативи, кои го поттикнуваат спортскиот дух и придонесуваат за промоција на Кочани. Тој нагласи дека Општината ќе продолжи да ги поддржува организаторите во нивните заложби за развој на спортот и рекреацијата.

Зад реализацијата на настанот стојат членовите на „Осоговски орел“, предводени од претседателот Гоце Тошев, кои со својот ангажман придонесуваат за развојот на планинското трчање и за промоцијата на кочанскиот крај.

Општина Кочани им честита на учесниците и на организаторите за успешно реализираниот настан.

