Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје ја предводеше владината делегација која положи цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

По повод празникот, Муцунски истакна дека 23 Октомври е потсетник на идеалите за слобода, самостојност и државотворност и ден на почит кон генерациите што го трасирале патот кон современата македонска држава.

-Наша обврска е тие идеали да ги чуваме со достоинство и да градиме силна, стабилна и меѓународно почитувана држава, одговорно водејќи ја кон напредок и нови достигнувања. Свои на своето – нека е честит Денот на македонската револуционерна борба – порача Муцунски.
Во владината делегација заедно со Муцунски, беа и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.

