Уставните измени се чекорот што треба да го направи земјава за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по денешната тет-а-тет средба во Брисел со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.
На средбата беа разгледани Планот за раст и евроинтегративниот процес на земјава, при што Кос упати апел до Владата да ја исполни обврската во однос на уставните измени.
— Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор – уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес на вашите граѓани – посочи Кос.
Оцени дека актуелниот момент е можност за напредок на Македонија кон ЕУ, посочувајќи го напредокот на други земји од Западен Балкан.
– Живееме во историски момент во кој некои други земји од Западен Балкан напредуваат. Се надевам дека многу наскоро ќе го потпишеме пристапниот договор со Црна Гора. И Албанија напредува добро. Значи, ова е навистина вистинскиот момент и Македонија да продолжи напред. Од политичарите во Македонија зависи да ги исполнат очекувањата – порача Кос.
Сали е во тридневна посета на Брисел, во рамки на која остварува средби со претставници на европските институции за прашања поврзани со евроинтеграциите и соработката со Европската Унија.

