Владини веб-страници во Европа и во други делови од светот привремено престанаа да работат откако беа откриени сериозни безбедносни пропусти во програмскиот јазик „Пи-Ејч-Пи“, кој се користи и за изработка и за одржување на голем број интернет-страници.
Развивачите на „Пи-Ејч-Пи“ вчера објавија итни безбедносни ажурирања и ги повикаа корисниците веднаш да ги инсталираат. Пропустите со години постоеле во софтверот, без да бидат откриени.
Откако технолошките компании предупредија дека хакери веќе ги искористуваат слабостите, некои владини институции ги исклучија своите веб-страници за да спречат можни напади.
Експертите стравуваат дека би можел да следува бран хакерски напади, бидејќи безбедносните пропусти веќе се јавно објавени, а со помош на вештачка интелигенција релативно лесно може да се открие како да се искористат.

