Општина Делчево распиша јавен повик за пријавување учесници на манифестацијата „Пијанечки денови на сливата 2026“, која ќе се одржи на 3 ноември во село Град, со почеток во 11 часот.
Манифестацијата, која се организира во рамки на Програмата за култура на Општина Делчево за 2026 година, има цел да ги промовира сливата и производите од слива, како едни од традиционално најзастапените земјоделски производи во Пијанец, како и традиционалната храна и рачните изработки карактеристични за овој крај.
Во рамки на централниот настан е предвиден натпревар во печење ракија под мотото „Мојата сливова ракија е највесела“, подготовка или промоција на мармалад, слатко и компот од слива, подготовка на традиционални бели пецива со производи од слива, како и уредување и претставување штандови со традиционални производи и ракотворби.
Натпреварувачки карактер ќе имаат активностите поврзани со подготовката на ракија, мармалад и слатко, како и уредувањето на штандовите, додека останатите активности ќе бидат ревијални.
За најуспешните учесници се предвидени парични награди. За највесела ракија ќе бидат доделени две награди, од 8.000 денари за првото и 6.000 денари за второто место. За најсладок мармалад или слатко е предвидена награда од 3.000 денари, а исто толку ќе добие и учесникот со најубаво уреден штанд.
Општина Делчево за пријавените учесници ќе обезбеди тезги за изложување и продажба на производите, потрошни материјали, меѓу кои дрва, шеќер и брашно, како и промотивни материјали.
На јавниот повик можат да се пријават заинтересирани индивидуални земјоделци, физички и правни лица. Рокот за пријавување е до 29 октомври 2026 година, а пријавите се поднесуваат во архивата на Општина Делчево.
Формуларот за пријавување е достапен на официјалната веб-страница на Општина Делчево, а заинтересираните можат да го подигнат и во општинската архива. За дополнителни информации, лицето за контакт е Ванчо Новоселски, на телефонскиот број 070 309 630 или преку електронската пошта [email protected].
Со одржувањето на манифестацијата во село Град, Општина Делчево има цел да ги промовира населените места како туристички дестинации, да поттикне уредување на селата и да придонесе за развојот на руралниот туризам и искористувањето на сместувачките капацитети во селските средини.

