Поголема безбедност при транспортот на пациентите во болниците и поквалитетна медицинска помош. Поголема мобилност и поефикасно справување со криминалот, почисти улици и побрза достава на пратките до граѓаните. Владата за релативно краток период го модернизираше возниот парк на повеќето јавни институции, нешто што се нема случено со години. Граѓаните се задоволни и велат дека старите возила не само што биле премалку, туку и биле амортизирани и често знаеле да откажат. За разлика од нив, новите не само што се подобро технички опремени, туку овозможуваат и поголема мобилност на терен.
За познавачите, особено е важно вложувањата да продолжат и во иднина. За професорот Ѓурчевски, оваа Влада, за разлика од претходната, направила вистински потег со набавката на возилата и не се штедело кога е во прашање здравјето и безбедноста на граѓаните. Тендерите за набавка се направени законски, а не како порано, во владата на СДСМ, во четири очи, за што сега и самиот лидер на опозицијата, Венко Филипче, ги обвинува своите сопартијци.
„Оваа власт покажа дека сето тоа што го вети во насока на подобрување во начинот на живеење на граѓаните го остварува. Веќе имаме видливи резултати на терен. Секогаш кога е ВМРО на власт, имаме сериозни набавки на опрема во интерес на граѓаните, кога се другите на власт, тоа го немаме, користат некои бенефити од претходното работење. Вие гледате сега, таа неконструктивна опозиција сама на себе си ги вади очите и укажуваат, Филипче укажува на некаква набавка за хеликоптери каде има криминогено дејствие од 37 милиони евра, но сè уште не ги предал документите во ЈО, а обвинува сопартиец негов кој го направил тоа кривично дело“, изјави експертот Љубомир Ѓурчевски.
Во 2025 година беа набавени 120 нови полициски возила. Македонска пошта се поднови со 100 нови возила, додека 49 комунални возила и специјализирани машини беа наменети за Град Скопје и уште осум општини. Итната медицинска помош доби 100 нови амбулантни возила. Вкупно, станува збор за 369 возила во овие четири категории, со кои треба да се подобрат условите за работа на јавните служби и услугите што ги добиваат граѓаните.

