Дванаесет години се зборува за изградба на Дом за стари лица во Охрид. По повеќе од деценија чекање, охриѓани конечно се на чекор до добивање објект наменет за повозрасната популација од третото доба, на која ѝ се неопходни соодветна грижа, сигурност и достоинствени услови за живот. Објектот во крајезерската населба Даљан е изграден, а градоначалникот Пецаков не ја исклучува можноста наскоро да биде ставен во функција и најдоцна до крајот на годинава да бидат згрижени првите корисници.
„Општина Охрид, заедно со државата, субвенционираше по однос на комуналии или имаше една стимулација за да имаме изградба на еден таков старечки дом, којшто би рекол, е насушна потреба не само за охриѓани, туку и за регионот. Како капацитет, како изглед, како опременост и модерни услови, секако дека ќе биде можеби најдоброто нешто во Македонија во овој момент. Од наша страна, инфраструктурно се уредуваше земјиштето во оваа година дена“, вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
За многу семејства, ваквиот објект е повеќе од инфраструктурен проект. Во годините кога здравјето бара повеќе внимание, а секојдневните обврски стануваат сè потешки, домовите за стари лица се важна поддршка и за семејствата кои сакаат нивните најблиски да имаат безбедна средина и грижа каква што заслужуваат. Покрај сместувањето и грижата, постои и можност за дополнителни здравствени содржини во охридскиот дом.
„Тој објект, покрај сместувачкиот капацитет, односно грижата за старите лица, има можности и за болница, врз основа на урбанистичкиот план, до 30% и во компатибилните намени, така што инвеститорите разгледуваат различни варијанти во кои и ние како град, нормално, имаме интерес да бидеме вклучени за сето тоа да биде побрзо ставено во функција“, вели Пецаков.
Неодамна во Охрид беше отворен и Центар за дневен престој на стари лица, чија цел е подобрување на квалитетот на животот на повозрасната популација, намалување на осаменоста и социјалната изолација, но и поттикнување на дружењето, физичката и менталната активност. Центарот нуди можност за активно учество на старите лица во животот на локалната заедница, стекнување нови знаења и поврзување на различни генерации. Во насока на збогатување на содржините, НУ Библиотека „Григор Прличев“ донираше книги за библиотечното катче во центарот, кој во моментов го посетуваат околу 30 корисници.

