Владата прави сѐ за да нема нови ценовни шокови за граѓаните и гарантира сигурност во снабдувањето со електрична енергија пред претстојната грејна сезона. Ова е главната порака од министерката за енергетика, Сања Божиновска, во интервју за МИА. Таа додава дека некои работи не може да се контролираат, но ќе се вложат напори производството на струја да биде на одлично ниво.
-Во разговор со претставниците на ЕСМ, бев информирана дека во моментов имаме 40 проценти од акумулациите. Сега, во овој период од годината, тоа се многу добри бројки. Ние како држава ќе преземеме сѐ за да има сигурност во снабдувањето, односно секогаш да има електрична енергија за граѓаните–истакна министерката за енергетика Сања Божиновска
И покрај глобалните турбуленции, државата подготвена ќе ја дочека зимата. Во однос на можноста следната година да се продолжи периодот на евтина струја, Божиновска рече дека Регулаторната комисија за енергетика прави анализи, имајќи го предвид и зголемениот број фотоволтаични електрани во земјата. Таа најави средба со претседателот на Комисијата за да се разгледаат можните решенија во интерес на граѓаните
Ние како Влада правиме сѐ да нема некакви ценовни шокови за граѓаните, бидејќи во првиот тарифен модел се наоѓа најголемиот број од населението, значи околу 80 проценти. Ќе направиме сѐ да нема некакви поскапувања, меѓутоа знаете дека постојат незивесности. Еве, видовте војната во Иран што може да предизвика на глобално ниво. Некои работи ние едноставно не можеме да ги контролираме, но што се однесува до производството, ќе направиме сѐ за да биде на одлично ниво, односно ќе гледаме да нема некакви ценовни шокови–истакна министерката за енергетика Сања Божиновска
Божиновска се осврна и на регионалната енергетска соработка, по учеството на Вториот министерски самит за енергетика во Белград. На билатералната средба со бугарската министерка за енергетика, Ива Петрова, разговарале за батериски системи за складирање енергија, поврзување на електроенергетските пазари, прекугранична размена и мерки против енергетската сиромаштија. Меѓу темите биле и Иницијативата Исток–Запад за дополнително електроенергетско поврзување меѓу Македонија и Бугарија, како и можностите за заеднички настап пред меѓународните финансиски институции за стратешки проекти.

