Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денеска извршила увид во градежните активности за доградба на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“. Проектот во моментот се наоѓа во напредна фаза на реализација.
Од Општината наведуваат дека карабината на новата доградба е целосно завршена, поставени се потребните инсталации, а во моментот активно се работи на уредување на внатрешноста на просторот.

– Доградбата на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ напредува со навистина одлична динамика. Градежните работи на карабината се комплетирани, инсталациите се поставени, а сега фокусот е целосно насочен кон внатрешното уредување на новите простории. Oвој проект е најубав доказ за тоа какви резултати можеме да постигнеме кога постои заедничка визија и силна поддршка од централната власт. Заедно инвестираме во она што е најсуштинско, во подобри услови за настава, во квалитетно образование и во сигурна иднина за нашите деца – изјавила Стаменкоска-Трајкоска.
Новиот училиштен простор се простира на речиси 560 квадратни метри и опфаќа шест нови училници и современи санитарни јазли. Проектот се реализира со поддршка од Владата на Македонија и Министерството за образование и наука преку програмата за капитални инвестиции во општините како дел од успешната и континуирана соработка помеѓу локалната и централната власт.

