Во Домот на култура „Билјана Беличанец“, вечерва се одржа трибина посветена на менталното здравје и превенцијата од меѓуврсничко насилство, во организација на Општина Кисела Вода и Општинскиот совет за превенција од детско престапништво. Основната цел на настанот беше да се воспостави јасна врска меѓу психосоцијалната благосостојба и превенцијата од насилство, да се подигне свеста кај родителите и наставниците, како и да се зајакне соработката меѓу семејството, училиштата и институциите.

Настанот започна со прикажување видеа снимени од ученици од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ под менторство на професорката Фани Мечкарова Стевковска. Свое учество зедоа и деветтоодделенците од ООУ „Невена Георгиева – Дуња“, кои преку драматизација упатија мотивациски и охрабрувачки пораки на темата. Поддршка на настанот даде и Локалниот совет за млади на Општина Кисела Вода.
Во текот на настанот, учениците на градоначалничката ѝ подарија маичка со натпис „ПОДДРШКА“. Во своето воведно обраќање, таа се осврна на овој гест, истакнувајќи дека маичката е суштината на настанот и на заложбите на Општината за секое дете.

Посочувајќи ги мерките кои се преземаат, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна: -Ние како локална самоуправа не остануваме само на зборови. Општина Кисела Вода во континуитет презема конкретни активности за намалување и искоренување на меѓуврсничкото насилство. Отворивме бесплатна телефонска линија за пријавување на врсничко насилство и вознемирување. Истовремено, имаме одлична соработка со Министерството за внатрешни работи и со сите засегнати институции, бидејќи само здружени можеме да понудиме системски решенија.
На трибината говореа стручни лица кои ги елаборираа методите за препознавање и превенција на проблемот: Дора Попова Узуновски (психолог, психотерапевт, кариерен советник и асистент на МИТ универзитетот), Мито Тасевски (психолог и психотерапевт, училишен психолог во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“), Сашо Андонов (советник во Советот на општина Кисела Вода и наставник во ООУ „Невена Георгиева – Дуња“) и Катерина Стојкова (главен инспектор за превенција по ЈРМ во Одделението за превенција при СВР Скопје).

На настанот присуствуваа и Хамза Амети, директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, Маја Стојановска, командир на Полициската станица Кисела Вода, како и Наташа Георгиева и Милчо Велјаноски, претставници од Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца.
Оваа трибина е само почеток на серијата тематски активности кои Општина Кисела Вода во периодот што следи продолжува да ги спроведува со цел трајна заштита и поддршка на младите.

