Климатските промени, намалениот добиточен фонд, а и пожарите годинава го сведоа производството на мед на најмало во последните 50-тина години. Пчелараството ги преживува најтешките моменти во одржувањето на пчелите и на производството на најздравиот и најхранлив производ – медот, констатираа прилепските пчелари на денешното отворање на 17-тиот Фестивал на медот во Прилеп кој, традиционално, е поврзан со чествувањето на празникот „11 Октомври“.

Околу 150 пчелари во Прилепско стравуваат за одржувањето на бројот на пчелите и на производството на мед. Пчеларите се загрижени за бројот на пчелите кои ќе преживеат.
Пчеларам повеќе од 30 години и тврдам дека оваа е една од најслабите години со производство во изминатите пет децении. Кај повеќе од половина од пчеларите просекот на производство е дури 0 проценти. А кај некои само од 2 до 3 килограми мед. Инаку, во изминатите години, просекот на производство од пчелно семејство бил од 8 до 10 килограми мед. Оваа година е една од најлошите, една од најсушните години за нашето пчеларење. Главна причина за оваа ситуација се временските неприлики, односно климатските промени. За жал, пчелите се први кои го чувствуваат тоа и сите климатски промени, што е многу тешко зашто прашање е дали ќе ги презимиме пчелите и дали ќе останеме во истата бројна состојба. Ова не само што е македонски, туку е и балкански проблем. Ова повлекува повисоки цени на медот но додека трае саемот, се согласивме, како пчелари, да не се зголемува цената. Овој природен мед ќе го нема во доволни количества, објаснува Дејан Бошкоски, претседател на прилепското пчеларско друтво „Братство“.

Пчеларите се загрижени и од рекламирањето на „лажниот“ мед на социјалните мрежи, а намалувањето на добиточниот фонд им го намали просторот на пчелите за производство.
-Најголем проблем имаме со фалсификатот на мед. На социјалните мрежи 4 килограми мед се продаваат за 1 200 денари. Пртепорачувам, граѓаните да купуваат мед од познати пчелари. Покрај климатските промени, најмногу на овие негативни резултати влијае драстичното намалување на сточниот фонд. Кога имаше добиток, планинските пасишта беа опасувани, вегетираа убавите медоносни билки и приносите беа далеку поголеми, а сега вегетираат трнови кои пчелите не може да ги конзумираат. Мислам дека државата треба да посвети поголемо внимание на пчеларството, зашто големите умови рекле дека ако ги снема пчелите, не ќе може да опстои човештвото, објаснува искусниот прилепски пчелар Димитар Алексоски.

Прилепскиот пчелар Влатко Атанасоски ги нагласува пожарите како голем проблем. Годинава во Мариовско поради пожарите угинаа многу пчелни семејства.
-Пожарите, посебно во Мариовско, го зедоа својот данок и во пчеларството и производсвто на мед. Направија пустош. Многу пчелни семејства се уништени, а ние, како здружение, собравме средства да им помогнеме на колегите- пчелари, вели Атанасоски.
Пчеларите од Прилепскиот регион очекуваат да продолжи државната поддршка, а и да ги добијат субвенциите за лани во текот на овој месец. Намалените приноси на мед ќе ја зголемат и цената иако за Саемот во прилеп таа останува непроменета.

