Управата за јавни приходи (УЈП) ја спроведува кампањата „Фер туризам – започнува со пријавен доход“, чија цел е информирање и поттикнување на физичките лица и микрокомпаниите редовно да го пријавуваат доходот остварен од туристички и сезонски дејности.
Управникот на Регионалната дирекција на УЈП Струмица, Александар Николов, по работната средба во Берово истакна дека кампањата е насочена кон приходите од привремено издавање недвижности, сезонска работа и вршење привремени дејности.
– Целта на оваа кампања е да ги информира, но и да ги поттикне сите физички лица да го пријават својот доход. Под доход се подразбира оној што се остварува од издавање недвижности од времен карактер, доходот од сезонски карактер, како и од вршење дејност од времен карактер, при што граѓаните треба да поднесат пријава за оданочување на данок на личен доход, изјави Николов.
Тој додаде дека фер туризмот ги опфаќа сите индивидуалци и микрофирми кои придонесуваат во локалниот економски развој, при што УЈП сака да даде директен придонес во стимулирањето на тој развој. Кампањата досега се одвиваше во Охрид, Дојран и Струга, а по Берово ќе продолжи и во други туристички центри како Пониква, Кожуф, Попова Шапка и Маврово.
Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, ја поздрави иницијативата Берово да биде домаќин на овој настан, нагласувајќи дека Берово е водечка туристичка дестинација во Источна Македонија.
– Наша цел е соработка со граѓаните, приватните сместувачки капацитети и институциите за да им понудиме добра понуда на сите туристи кои доаѓаат во текот на целата година. Целосно ја поддржувам кампањата за пријавување на приход. Со самиот приход и плаќањето на туристичката такса ги подобруваме условите во општина Берово — инфраструктурата, парковите, патиштата и улиците, истакна Ружински.
Според градоначалникот на Берово, фер туризмот подразбира фер правила и поголема одговорност кон целата заедница.

