Повеќе од 100 македонски компании се подготвуваат за настап на ЕКСПО 2027 во Белград. Од логистика и производство, до храна, мебел и козметика – можност за македонските фирми да освојат нови пазари и партнери. Со сопствен павилјон од 648 квадратни метри, Македонија ќе ја претстави својата музика, гастрономија, туризам, природа, култура и уметност. Посебно место ќе има за македонското вино – со простор од околу 35 до 40 квадратни метри, дегустации во текот на целиот настан и посебна винска недела во јуни.
„Она што ќе го издвои македонскиот павилјон се македонското вино и храна. Тоа се нашите атрибути. Секако, претставуваме нешто што е огреано од македонското сонце, кое е и наш заштитен знак за самиот павилјон. Знаеме дека македонското сонце, кое го имаме и на знамето и на грбот, кога ќе огрее, претставува нешто препознатливо не само во регионот, туку и во целиот свет.“, изјави Александар Велиновски, комесар на македонскиот павилјон.
Павилјонот нема да биде класичен саемски простор за продажба. За компаниите ќе биде база од која ќе се поврзуваат со странски партнери, додека главните бизнис средби ќе се одвиваат на деловната сцена на ЕКСПО. Организаторите очекуваат повеќе од четири милиони посетители, од кои речиси 1,2 милиони странски гости. Токму тука, тие ја гледаат можноста Македонија да добие и туристички бенефит – странските гости, покрај Белград да ги посетат Скопје, Охирд и останатите дестинации во регионот.
„Очекуваме повеќе од 4 милиони посетители за време на Експо, како и околу 1.200 странски туристи кои ќе пристигнат од целиот свет во Србија. Од таа причина, ве повикуваме вас и вашите туристички организации да ја искористите оваа можност преку претставувањето на вашиот павилјон. Да ги поканите овие посетители да ја посетат Македонија, подобро да се запознаат со вас, со вашите туристички понуди и потенцијали.“, изјави Данило Јериниќ, директор на „ЕКСПО 2027“.
ЕКСПО ќе трае 93 дена – од 15 мај до 15 август, со повеќе од 8 илјади програмски содржини, а македонскиот национален ден е закажан за 20 мај. На манифестацијата се очекува и учество на 20.000 волонтери, од кој 1.000 пријавени се од Македонија. Од телефонот и телевизија во боја, до најновите технологии и иновации – светските изложби низ историјата често биле место каде што се претставувала иднината. Следната година, Македонија ќе има можност пред светот да го претстави сопствениот потенцијал.

