Изразените температурни разлики меѓу денот и ноќта, оосбено во септември и октомври, носат ризик од појава на рани есенски мразеви. Иако се генерално со помал интензитет и предизвикуваат помала штета во споредба со доцните пролетни мразеви, сепак можат сериозно да ги оштетат доматите, пиперките и краставиците кај кои сè уште има плодови на отворено, но на удар се и несобраното овошје, како и лозовите насади, предупредуваат агрометеоролозите.
Тие апелираат, земјоделците да ги соберат сите дозреани плодови на отворено и навреме да ги преземат превентивните агротехнички мерки.
-Во градинарството на почетокот на овој месец се сади зелената салата, а кај останатите градинарски култури се врши берба на плодовите. Во лозарството се берат некои касни сорти на десертно грозје. Кај поледелските култури почнува сеидбата на пченицата и јачменот. Времето на сеидбата има големо значење, бидејќи директно влијае врз времето на поникнувањето, презимувањето на растенијата, но и врз приносот. Некои сорти се сеат порано, некои подоцна. Температурните услови се тие што диктираат кога треба да се засеат сортите во одреден регион. Се препорачува да се применуваат правилни агротехнички мерки, примена на правилни сорти, велат агрометеоролозите од УХМР.
Потсетуваат дека, според прогнозата, утрата ќе бидат ведри и студени со ниски температури кои наместа ќе се спуштат под нула степени.
-Минималната температура овие денови ќе се движи во интервал од -2 до 10 степени, а максималната од 17 до 27. Токму овие изразени температурни разлики меѓу денот и ноќта во раните есенски месеци, обично во септември и октомври, носат ризик од појава на рани есенски мразеви во раните утрински часови. За да го заштитат својот род од утринскиот студ, земјоделските производители треба најпрво да ги соберат сите дозреани плодови на отворено. Дополнително, за преостанатите култури е потребно навремено преземање соодветни превентивни мерки, објаснуваат агрометеоролозите.
Се препорачува, додаваат, покривање на растенијата со агротекстил (агрил фолија), како и мулчирање на почвата.
-Поставувањето дебел слој од слама, суви лисја или кора од дрво околу кореновиот систем е одлично решение за да се задржи топлината во земјата. Како ефикасен метод во критичните ноќни и рани утрински часови се советува и навремено наводнување на културите преку системи за прскање и оросување, укажуваат агрометеоролозите. од УХМР.

