Празникот да остане празник, но не секогаш и неработен ден. Стопанската комора предлага промена на системот на празнување, со образложение дека сегашниот број на неработни денови создава проблеми за организацијата на работата, а дел од потрошувачката наместо во домашната економија, завршува во други држави. Од Комората велат – не бараат укинување на празниците, туку поинаков начин на нивно регулирање.
„Работодавачите со години наназад укажуваат дека оваа состојба доведува до значителни проблеми во организирањето на нивното работење. Тие укажуваат на тоа дека неработните денови предизвикуваат проблеми од организациски и финансиски карактер. Значи неработните денови и државните празници секако имаат влијанизе врз економијата.“, вели Анета Димовска, проектен менаџер во Стопанска Комора.
Од 2007 година бројот на празници во земјава е зголемен, а во моментов има 11 неработни денови за сите граѓани – пет кои се однесуваат на припадници на православна вероисповед и дополнителни денови кои се однесуваат на конкретната етничка заедница. Според комората, во периоди кога има повеќе споени празници и продолжени викенди, се создаваат финасиски и организациски проблеми, а од тука доаѓа првиот предлог на измени – да не важат сите дополнителни празници за сите припадници на една верска или етничка заедница. Наместо тоа, при вработување работникот би можел да избере два од дополнителните празници што сака да ги празнува како неработни. Вториот предлог од комората е празниците да се празнуваат на денот кога паѓаат, без префрлање на дополнителен неработен ден, како што би било со 11 Октомври, кој годинава е во недела.
„Предлогот ќе е од сите овие празници кои што не се однесуваат на сите, со договор за вработување, при вработување лицето да определи кои од посочените празници ќе ги празнува. Нашиот предлог е да се два дополнителни денови, со што вкупниот број на неработни денови идиректно би се свел на 13 неработни денови. Вториот предлог е, доколку празникот се паѓа во недела, да не се префрла во наредниот не работен ден.“, изјави Димовска.
Од Комората велат дека не можат точно да пресметат со колку загуби се соочуваат компаниите поради неработните денови, а немало ни разговор за согласност со работниците. На ова изреагира и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, кој се спортиставува на таквата идеја. Предлозите од Комората ќе се достават до Министерството за економија и труд.

