Од Радовиш, преку Струмица и Ново Село, до границата со Бугарија – трасата за новиот експресен пат е зацртана, а подготовката на документацијата веќе започна. Според најавите на вицепремиерот и минстер за транспорт Александар Николовски, проектот ќе се финансира со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Експресниот пат е дел од пошироките инфраструктурни планови за развој на регионот. Само во Струмица, во моментов се реализираат проекти во вредност од над 7 милиони евра, меѓу кои и изградбата на атмосферски канализациски систем во Просениково.
Во тек е изборот на проектантска куќа, која треба да ја подготви целокупната потребна документација, по што ќе следува избор на изведувач. Предвидено е изготвување на предпроектна документација, еколошки и социјални студии, како и физибилити студија. Рокот за доставување на понудите е до 8 – ми октомври, а според најавите, изработката на студиите би траела од шест до девет месеци.
Владата продолжува со инвестиции во патната инфраструктура, со цел подобрување на патната поврзаност и создавање подобри услови за живот и економски развој во регионот. Со изградбата на експресниот пат, Македонија би добила уште една директна патна врска со Бугарија, што би придонело за подобра поврзаност на општините во регионот и олеснето движење на граѓаните и стоките.

