Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали ги пречека студентите и академскиот тим на Колеџот на Европа, кампусот во Тирана, во рамки на нивната студиска посета на Македонија.

-На средбата се разговараше за патот на земјата кон Европската Унија, значењето на реформите и можностите што европската интеграција ги создава за граѓаните, бизнисите и младите. Сали истакна дека членството во Европската Унија останува јасна стратешка цел и дека посветеноста на реформите продолжува и покрај политичките предизвици што влијаат врз динамиката на процесот. Тој нагласи дека реформите треба да донесат конкретни резултати за граѓаните преку посилни институции, владеење на правото и поквалитетни јавни услуги, соопшти Министерството за европски прашања.
Во таа насока, наведува МЕП, беше нагласено значењето на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда како инструменти што ги поврзуваат реформите со мерливи резултати, финансиска поддршка и можности за постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.

-Средбата беше и можност за размена на мислења за регионалната соработка и улогата на младите во обликувањето на европската иднина на Западен Балкан. Студентите поставија прашања и ги споделија своите размислувања, додека претставниците на Министерството придонесоа со своето институционално искуство во процесот на европска интеграција, се наведува во соопштението од Кабинетот на министерот за европски прашања.

