Ние сме мала земја, но одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција, порача премиерот Христијан Мицкоски, пред Генералното Собрание на Обединетите Нации. Вели Македонија не се откажува од европскиот пат, затоа што тој за нас беше тежок, а Европската Унија останува нашиот природен политички, економски и институционален дом. Државава не бара полесен пат, туку само пат утврден со правила. Не бараме пониски стандарди, туку стандардите да останат стандарди. Истовремено, очекуваме европската Интеграција да остане процес на заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања постојано ќе ја поместуваат целта, порача Мицкоски во својот говор.
-Ова е еднакво важно и за кредибилитетот на Европа, во време кога нејзината геополитичка тежина сѐ повеќе ќе зависи од способноста своите заложби да ги претвори во конкретни политички резултати, од решеноста да ги брани вредностите за кои се залага и да остане истрајна во нивното унапредување, и покрај многуте предизвици со кои се соочува. Македонците и македонските граѓани ќе го преземат својот дел од одговорноста, изјави Мицкоски.
Мицкоски порача дека за еворинтеграциите сме донеле навистина тешки одлуки, сме продолжиле напред дури и кога процесите траеја подолго, отколку што една генерација можеше разумно да очекува. Потенцираше дека ако од малите земји се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш правилата мора да им обезбедат предвидливост.
-И без намера да звучам поучувачки, ако некој сака да види пример за земја што повеќепати се откажувала од нешто што природно ѝ припаѓа како основно право, нешто што многумина го земаат здраво за готово, доволно е да погледне во поновата историја на мојата земја. Историја обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата, често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда, порача Мицкоски.
Мицкоски говрореше и за техноголигијата, порачувајќи дека вештачката интелигенција веќе не е иднина туку сегашност. Во својот говор се осврна и на проектите кои ги има Македонија, меѓу кои се интензивниот развој на коридорите 8 и 10, како дел од поширока европска визија, преку подобро поврзување на Јадранското, Црното и Егејското море со централна Европа.
-Идниот меѓународен поредок нема да се обликува само на боиштата или во дипломатските сали. Ќе се обликува и во лабораториите,во училиштата, во фабриките, во енергетските мрежи, во дата центрите и во способноста на општествата да ги разберат промените што ги носи технологијата.Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината, таа е инфраструктура на сегашноста, изјави Мицкоски.
Централна тема на ова заседание на Обединетите нации беше довербата. Мицкоски порача да таа не е чувство што може да се создаде со усвојување резолуција, туку се гради кога некоја институција ја исполнува целта за која е основана. Затоа според него реформата на Организација е неопходна, за таа да стане поспособна и да постигнува повеќе резултати.
Матеја Петровски

