СДСМ со Венко Филипче нема никаква иднина, на Македонија и е потребно опозициско окрупнување, во кое нема да го има актуелното раководство на СДСМ. Иницијаторите за промени внатре во партијата, бараат одоговрност и заминување на лидерот на социјалдемократите и неговите најблиски соработници. Од таму велат дека со актуелните челници на СДСМ им се заканува изборна кланица. Поранешниот висок партиси функционер Игор Ивановски вели дека проблемите не се од изминативе две години, туку од многу претходно.
-Традиционалното Гласачко тело на СДСМ старее, се намалува и исчезнува. СДСМ воопшто не комуницира во подолг временски период, а сега еклатантно со една цела популација на млади луѓе, почнувајќи од 18 до 30 години. Нашата цел јасно и гласно кажуваме е опозициско окрупнување, со крајна креирање на опозициски фронт. Во тој опозициски фронт може и мора да се најде место за секој опозициски дефиниран граѓанин, структура и политички партии, вклучително и СДСМ, но не СДСМ со ова раководство, кажа Ивановски.
Дел од оние кои бараат промени е и актуелната пратеничка Славјанка Петровска, вели дека Филипче бил свесен каков е ставот и на поранешните функицонери, но и на членството. Во партијата се разговарало за проблемите, но на крајот не се преземало ништо од страна на раководството.
-Ако ние велиме дека не сме направиле ниту една грешка и дека не знаеме зошто сме изгубиле власт, сме изгубиле затоа што сме му здосадиле на народот, тоа не проаѓа. Сме изгубиле затоа што сме погрешиле. Иако немаме храброст да се погледнеме во очи внатре во партијата и да кажеме погрешивме таму и таму. Оставенте го Препсанскиот, промената на името, имаше многу пострашни работи, кажа Петровска.
Поранешниот висок партиски функционер Емилијан Станковиќ, пак вели дека во неколку наврати лично разговарал со партискиот лидер Филипче, кој подолго време знаел какви планови имаат тие.
-Венко Филипче нема право да кажува дека не бил информиран за тоа што сме го планирале ние. Јас сум се видел со него лично на негово барање, минимум три пати. Земајќи предвид со кого си имам работа, на тие средби бев со сведоци. Му објаснив што планираме со Платформата, што е нашата намера, кого планираме да поканиме. И притоа го замолив да не игра на прва топка, да се приклучи на приказната, тој ми одговори ако не ве нападнам сите ќе отидат кај вас, кажа Станковиќ.
Филипче пак со истата реторика, оние кои барале промени биле платени од власта. Местото за разговори било внатре во партијата.
-Не станува збор само за СДСМ, станува збор за иднината на државата. Вака ако се остави да владее арамиската група на Мицкоски, лошо се пишува на секој еден кој то тука живее. Жалам што имаме информации, кои што ни се потврдуваат во јавноста, дека тие се платени од власта, изјави Филипче.
Еден од оние кои бараат промени во СДСМ е и Никола Ќурчиев, за кого од партијата објавија дека добил тендер од власта. Тој пак вели во фирмата која ја добила јавната набавка бил вработен само како инженер, а Филипче објавил фалсификат документ, каде што го има неговото име. Според него за овој случај треба да има истрага за кривично дело.
Матеја Петровски

