– Во Драмски театар Скопје денеска беше најавена премиерата на диптихот „Федра – Антропологија на една желба“, во режија на Дино Мустафиќ, кој ги обединува драмите „Федра“ од Жан Расин и „Љубовта на Федра“ од Сара Кејн. Преку две различни драматургии и сценски пристапи, претставата ја истражува љубовта, желбата и нивниот судир со општествените норми.
Режисерот Дино Мустафиќ на денешната прес-конференција истакна дека со особено задоволство по 18 години повторно работи во Драмски театар Скопје и оцени дека станува збор за единствен творечки процес.
– Не е често наместо една претстава да работите две. Целата идеја дојде како длабоко промислен материјал. И филозофски и антрополошки, желбата за љубов останува иста, желбата таа љубов да се оствари како пат што е важен искуствено и емотивно. Двете претстави се преиспитување на митот за Федра – рече Мустафиќ.
Тој нагласи дека проектот претставува спој на актерско искуство и младешка енергија и додаде дека нема театар без млади актери и посочи дека се надева дека публиката ќе ги препознае естетски координати кои, како што рече „сакавме да ги поставиме како стандард во Драмски театар“.

Јелена Жугиќ, која го толкува ликот на Федра во двете претстави, рече дека централната тема е љубовта и невозможноста таа да биде прифатена од општеството во кое живее хероината.
– Претставата е обработена на една историја, на една трагедија поради една желба на една сцена. Федра не е мит, Федра е современа жена која може да се сретне во секојдневниот живот. Централната тема на Федра е всушност љубовта. И во двата темата љубовта на Федра е општествено политички некоректно, и не може да се инкорпорира во општеството каде што живее. Ако кај Расин да се сака е грев и во еден момент ликот на Федра се гуши, кај Сара Кејн љубовта доаѓа до момент на брутално уништување. Од двете неможноста да се инкорпорира таа желба, самоубиството доаѓа како еден последен чин на бунт против она општество во кое таа љубов не може да живее – истакна Жугиќ.
Таа додаде дека улогата претставувала голем актерски предизвик и дека работата на проектот ѝ помогнала да ги отвори прашањата со кои се занимава во текот на својот живот.
– Пресреќна сум што одиграв ист лик во две комплетно различни претстави, со комплетно различни идеи. Ако Федра е прототип за жена, тогаш таа има право на живот, на љубов и на желба – рече Жугиќ.

Актерот Дејан Лилиќ, кој во „Федра“ го толкува ликот на Тезеј, посочи дека една од клучните теми на претставата е неслушањето.
– Неслушањето води кон трагедија. Тоа е одговорот што секојдневно го гледаме во светот. Личниот интерес, борбата за власт и желбата да се биде голем го доведуваат светот во состојба каква што е денес. Треба да научиме да слушаме и да мислиме на заедницата, а не само на сопствените интереси – рече Лилиќ.
Неговиот колега Александар Степанулески, кој го игра Тезеј во „Љубовта на Федра“, нагласи дека стравот, особено кај мажите, често е причина за постапки што создаваат големи последици.
– Претставата беше прекрасно патување и дружба со позитивна екипа која работеше со љубов – рече Степанулески.

Во актерската екипа настапуваат и Лазар Христов и Леонардо Лазов во улогата на Хиполит, како и Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.
Креативниот тим го сочинуваат Дино Мустафиќ (режија), Димче Николовски (асистент на режисерот), Драгутин Броз (сценографија), Антонија Гугинска-Јорданоска (костимографија), Влатко Стефановски (музика) и Филип Петковски (сценски движења). Драматурзи се Александра Бошковска за „Федра“ и Викторија Рангелова-Петровска за „Љубовта на Федра“.
Директорот на Драмски театар Скопје, Роберт Вељановски, информира дека ова е четврта премиера на театарот годинава и прва во новата сезона. Воедно, посочи дека верува дека со оваа претстави во Драмски театар, како што рече, ќе се врати сериозната театарска публика.
Претпремиерната изведба на „Федра – Антропологија на една желба“ е закажана за утре во 20 часот, а премиерата ќе се одржи на 19 септември во истиот термин.

