Одобрувал изградба на висококатници спротивно на Деталниот урбанистички план. Стевчо Јакимовски, кој со одлука на Врховен е ослободен од затвор и се наоѓа во болница заработи нова кривична пријава. Ако во првиот случај тој беше осуден за злоупотреба на службената положба при изградбата на општинската зграда, сега тој се гони за случај со издавање дозволи за градба на висококатници според Детален план кој бил укинат од Уставниот суд уште во 2018 година. МВР го гони дека под негова палка се спроведувале незаконски решенија. Во случајот тој со него повлече и две служенички од секторот урбанизам.
„Третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10.427.518 денари.“- се вели во пријавата.
Двете вработени во секторот за Урбанизам, биле свесни дека планот за објектот е спротивен на урбанистичкиот план,. Сепак без соодветни документи тие ја одобриле изградбата, со што им овозможиле на инвеститорите незаконски да заработат околу 211 илјади евра.
„Воедно, првопријавената ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност и така што, иако знаела или требало да знае дека за објектот-настрешница за кое било поднесено барање од инвеститорот претходно била поведена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за отстранување на настрешницата, како и дека од страна на подносителот на барањето во целост не била доставена потребната документација, ниту пак била извршена пресметка и наплата на надоместокот за уредување на градежно земјиште, истата на 30.07.2025 на инвеститорот му издала Решение за градба на настрешница.“- пишува во пријавата.
Јакимовски во април 2025 година беше осуден на 3 години и 6 месеци затвор за бесправно градење и злоупотреба на службената положба во случајот со општинската зграда во Карпош. Во мај годинава, Апелациониот суд ја скрати казната за бесправно градење на една година, додека делот за злоупотреба на службената положба го врати на повторно судење. На 10 ти септември оваа година Врховниот суд ја укина правосилната пресуда и предметот го врати на повторно постапување и одлучување.

