Цените на нафтата на берзите рушат рекорди, но горивата во Македонија се под контрола и во моментов се најевтини на Балканот. На пример, во Македонија од денеска се точи поевтин дизел за два денари по литар и чини 99 денари, односно 1,6 евра. Оваа цена во услови на континуиран голем раст на цената на нафтата на светските берзи е формирана поради тоа што Владата го намали ДДВ од 18 на 10%, а се откажа и од 4 денари од акцизата по литар. 1,6 евра по литар е за 17 евроценти поевтино од Босна и Херцеговина, за 25 евроценти поевтино од Хрватска, за 30 евроценти од Бугарија и Црна Гора, за 38 од Србија и за половина евро, односно за 75 евроценти поевтино од Албанија.
За споредба, Србија, Црна Гора и Хрватска имаат максимални малопродажни цени, Црна Гора има намалена акциза, Грција има намалени давачки и директна финансиска поддршка за дел од граѓаните за трошоците за гориво, додека Албанија и покрај највисоките цени, засега нема никакви мерки за помош на граѓаните.
Од друга страна, и покрај денешното поскапување на бензините, 95-ката во Македонија чини 1,63 евра, што е втор најефтин литар бензин на Балканот по оној во Босна и Херцеговина кадешто се продава за 1,61 евра. Слична цена од 1,65 евра има Бугарија. За 10 евроценти поскапа 95-ка се точи во Хрватска, Србија и Црна Гора, додека драстично повисоки цени има во Грција од 2,20, односно Албанија од 2,25 евра за литар. Македонија од овие држави има поевтин бензин за 57, односно 62 евроценти.
Токму граѓаните на Албанија и Грција, заедно со Србите точат горива на бензинските станици во близина на границата и ја зголемуваат потрошувачката на нафтени деривати во Македонија. Премиерот вчера напомена дека притисокот на северните, западните и јужните гранични премини се уште е голем и дека се точеле до два милиони литри горива дневно, од кои 1,5 милиони литри дизел.
Мицкоски рече дека ако Владата не ги намалеше акцизите и ДДВ-то на дизелот, тој денеска ќе беше поскап за 11 и пол денари по литар. Заштедите за македонските граѓани се до 250 илјади евра само на дизел. Дополнително ефектот од намалените акцизи од 4 денари за дизелот и 2 денари за бензините досега, како и пониското ДДВ, им донеле на возачите вкупна заштеда од 4 и пол милиони евра.

