Меѓународната уметничка колонија „Арт Поинт – Гумно“ денеска во селото Слоештица организира Отворено студио во чии рамки ќе биде поставена изложбата на селектирани фотографии од селата во горно-демирхисарскиот регион, што ги направија претставници на реномираната Либеречка школа за фотографија од Чешка.
Посетителите воедно ќе имаат ексклузивна можност да го погледнат и документарниот филм „Крајолици на човештината“, во режија на Јана Хунтрова, што неодамна ја доби наградата Златна потковица на филмскиот фестивал Астерфест во Струмица.

-Седум претставници на реномираната Либеречка школа за фотографија од Чешка, годинава продолжија со извонредната уметничка фото-документација низ селата од горно-демирхисарскиот регион за автентично да ја раскажат приказната за неисцрпното природно и културно богатство кое полека, но сигурно, исчезнува. Нивните фотографии традиционално ќе бидат изложени пред јавноста во рамки на овој посебен настан, насловен Отворено студио, велат од „Арт Поинт – Гумно“.


Настанот ќе се одржува од 17 до 20 часот.
Гостите од Либеречката школа си заминуваат в понеделник, а деновиве, додека престојуваа во Слоештица, имаа можност да ѕирнат во архивата на дигитализираните фотографии и во дел од опремата на браќата Јанаки и Милтон Манаки, како и да слушнат ексклузивни детали од нивните балкански и прекуморски патешествија, благодарение на Државниот архив – Одделение Битола и неговите претставници, директорот Гоце Стојановски и Марија Дурлова, двајцата историчари-архивисти.

Тие трет пат учествуваат на „Арт Поинт – Гумно“ и освен што фотографираа, дискутираа и со свои колеги, особено млади фотографи, пред сѐ од пелагонискиот регион, како и со релевантни претставници од областа на културната едукација, за долгорочна соработка со размена на студенти, искуства, знаења, заеднички проекти,.

