Околу напуштените куќи во селата или викендички што ретко се користат сопствениците да направат противпожарни пресеки, широки по десетина метри во зависност од околната вегетација, апелираше раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според него, во борбата со пожарите, кои, рече, во иднина ќе ги има сè почесто поради глобалното затоплување и сушите, фокусот треба да биде ставен на превенцијата. Таа, рече, помага многу, но не е единствено решение.
-Со години наназад го упатувам овој апел: исчистете ги вашите дворови. Исчистете ја околината на вашите викендички и куќи. Само така ќе бидете сигурни дека пожарот нема да ја запали доколку стигне до вашата куќа или викендичка, рече Ангелов на прес-конференција.

Директорот на ДЗС апелираше до сите претставници на локалната власт – при појава на пожар веднаш превентивно да ги обезбедат селата и осамените објекти.
-Иако сметате дека пожарот е далеку. Но, ова важи и таму каде што нема пожар, бидејќи не знаете кога ќе се случи тоа. Ако не оваа година, ќе се случи наредната година. Најдете трактор, најдете булдожер и изорајте околу нив. Така ќе ни помогнете нам. Ние во Мариовско ги трошиме ресурсите штитејќи четири манастири, неколку пчеларници. Вчера спасивме возило коешто некој го оставил, го заклучил и побегнал. Ние спасивме возило од неколку илјади евра, но направивме значително поголеми трошоци, изјави Ангелов, кој ги демантираше наводите дека во мариовското село Чаниште изгореле многу куќи туку дека се работи за „неколку, можеби десетина стари и напуштени куќи“.
Покрај напуштените селски куќи, обраснати со густа вегетација, честа причина за пожарите е и потпалувањето – од небржност, но и од криминални мотиви – за изгорената шума да се сече за пониска цена. Како што рече, тешко е да се обезбедат докази зашто тие „најчесто горат заедно со пожарот“.
-Имаме пожари и од одмазднички мотиви. На повеќе места сме сигурни дека поради одмазда се палат шуми. Таков е случајот во Македонски Брод каде што имавме лице во притвор, кое откако беше пуштено по неколку дена, повторно запали пожар. Барем такви се сомневањата. Се одмаздуваат затоа што претходно шумската полиција, односно Национални шуми, одзеле одредена количина украдени дрва. Ние ова нема да го смениме. Сите овие мотиви ќе останат и понатаму. Но, може да дејствуваме врз добрите граѓани коишто ненамерно предизвикуваат штета. Затоа снимивме неколку видеа. Граѓаните не се свесни дека една искра е доволна за катастрофа. Кога зборувам граѓаните, мислам на еден од илјада, а можеби и еден од десет илјади, затоа што безмалку сите граѓани се исклучително педантни и внимателни. Но, доволно е еден несовесен граѓанин на неколку илјади луѓе да направи катастрофа, истакна Ангелов.

На прес-конференцијата тој рече и дека прифаќаат да им помагаат доброволци, но тие треба да бидат добро обучени и да бидат од локалното население, коишто го познават местото.
-На располагање имаме уште одреден број доброволни пожарникари, а ги имаме и припадниците на македонската армија и полиција кои во случај на тешка ситуација се подготвени да скокнат во помош, рече Ангелов.
Во текот на вчерашниот ден имало 35 пожари на отворен простор, а денеска, до 13 часот, според информацијата на Центарот за управување со кризи, има 12 пожари на отворен простор (четири изгаснати и осум активни).
Според Ангелов, бројот на пожари денеска ќе биде најмалку 25 затоа што помеѓу 12 и 16 часот, рече, е катастрофален период кога се појавуваат голем број пожари.
Најголем предизвик, рече, и натаму е пожарот во Мариовско, потоа во Студеничани (Моране, Вртекица и село Рамни Габер), а комплексен поради тешкиот терен останува пожарот во атарот на село Драгов Дол.
Пожар има и во атарот на кичевското село Тајмиште, во месноста Дарда, во атарот на велешкото село Караслари, како и во кумановските села Кучкарево и Градиште.
Соопшти дека пожар денеска избувнал на територија на општина Крушево, во селата Белушино и Јакреново, како и во село Никуштак во Липково, каде што има опасност да навлезе во борова шума.
-Карактеристично е тоа што овде секоја година имаме безброј подметнати пожари. На територија на општина Липково, како по традиција, криминалци подметнуваат пожари. Овие пожари не се случајни, особено во овој регион, рече Ангелов на прес-конференцијата.

