Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оцени дека буџетот не е во лоша кондиција и оти наплатата на даноците се одвива во согласност со проекциите.
Одговарајќи на новинарски прашања, посочи дека очекува реализација на даночните приходи и придонеси во согласност со проекциите.
– Не би рекла дека буџетот е во лоша кондиција, но нема за сè, исто како и дома. Никогаш буџетот на Македонија немал простор за сè, не е ова првпат. Можеби јас како министер сега сум порестриктивна, не сакам да се трошат пари непродуктивно затоа што по короната бевме сведоци на тоа дека пари се трошеа многу непродуктивно – одговори Димитриеска-Кочоска на новинарско прашање.

Таа додаде дека сега само потранспарентно се зборува за работите за кои претходно некои не сакале да зборуваат.
Во рамките на сè што е возможно и расположливо, потенцира, правиме максимум, „а последниот податок за инфлацијата јасно покажува дека она што ни беше цел го постигнавме“.
Прашана за очекувањата за инфлацијата до крајот на годината, посочи дека очекува да биде во границите од претходниот месец.
– Кога работите во услови на јавен долг, кој цело време се движи под 60 проценти, ние не го зголемуваме како секоја претходна влада. Како процент од БДП го држиме под 60 проценти, многу е тешко да ги менаџирате сите работи за да ја издржите психолошката граница. И во такви услови многу е подобро да проектирате малку попесимистичко сценарио и секогаш да се радувате дека ќе биде подобро од она што сте го проектирале затоа што немаме комоција. Друго е да имавме сега, денес, 50 или 55 проценти јавен долг во однос на БДП, па сега уште пет проценти да имаме простор да си правиме математика. Ние немаме и поради таа причина малку одиме со попесимистичко сценарио иако проекциите на ММФ и на Светската банка се под нашите за инфлацијата до крајот на годината. Верувам дека ова што го добивме последниот месец ќе остане горе-долу во тие граници – рече министерката за финансии.

