Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и судијата Ана Павловска-Данева оствариле средба со министерот за правда Јетон Шасивари, на која биле разгледани повеќе актуелни прашања од областа на уставноста, законитоста и функционирањето на уставно – правниот систем.

На средбата, како што соопшти Уставниот суд, било истакнато значењето на отворениот и континуиран институционален дијалог, особено за прашања кои се од заеднички интерес и кои се однесуваат на унапредувањето на владеењето на правото и правната сигурност.
Меѓу темите за кои се разговарало биле извршувањето на одлуките на Уставниот суд, законските механизми поврзани со нивното извршување, како и решенијата што се разгледуваат во рамки на подготовката на новиот Закон за судовите и Кривичен законик.

Соговорниците размениле мислења и за актуелните правни и реформски процеси, при што била нагласена потребата од јасни законски решенија, почитување на уставните надлежности и координирана институционална комуникација за прашања кои имаат пошироко значење за правниот поредок.
На средбата била изразена подготвеност ваквиот институционален дијалог да продолжи и во иднина.

