– Како граѓанин мислам дека не треба одговорноста да заврши кај овие три лица. Мислам дека просторот за истрагата да се прошири е многу поголем од овие три лица, но истовремено, врз основа на информациите коишто ги поседувам, знам дека во минатото имало повеќе од 400 вакви извештаи — не само за Гостивар, туку и за други општини — за квалитетот или неквалитетот на водата, а тогаш институциите воопшто не постапувале. И логично е да се истражи зошто не постапувале, зошто тие луѓе коишто ги воделе тие институции не постапувале. Јас ја користам оваа прилика да го повикам Обвинителството да се обрати до АХВ и да ги побара овие извештаи за да видиме зошто не било постапувано досега — зборувам кога имате во рака извештаи од 2018 и 2019 година, изјави вечерва претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во интервју за една од националните телевизии.
За нападите од страна на опозицијата и кривичните пријави на СДСМ кон сегашни функционери од здравствениот сектор, Мицкоски посочи дека намерата на СДСМ за Гостивар не е да се бара вина, туку да се политизира и да прави естрада.
– Инаку треба тука да дадеме одговор на едно друго прашање за кое СДСМ до овој момент не даде одговор, а тоа е: ако тие лица имаат одговорност, а да речеме за градоначалникот на Општина Гостивар нема одговорност, бидејќи правото на оваа дејност е на општинското претпријатие, не е на државата. Државата не ја преработува водата, не ја испраќа во системот и не ја продава на потрошувачите, туку локалното водоводно претпријатие кое е во директна надлежност на општината. Зошто ова го кажувам? Не го кажувам за да ја префрлам вината, туку за да кажам дека намерата на СДСМ не е во насока на тоа да се бара вина, туку да се политизира целата работа и да се прави естрада – рече премиерот Мицкоски.


