Во Дневниот центар за лица со аутизам во Штип денеска беше промовиран новиот опремен сензорен простор, кој е наменет за поддршка на лицата со аутизам. Просторот е опремен со донација од Фондацијата д-р Верица Механџиска. Директорката на Центарот за социјални работи-Штип, Наталија Митрева-Митев истакна дека Фондацијата д-р Верица Механџиска ги препознала потребите на децата со аутизам, а со помош на новиот сензорен простор се подобриват условите.
-Оваа опрема за нас претставува еден поттик за поголема поддршка кон ранливите категории, поддршка на нивните семејства, кон нашите корисници. Практично, со новата опрема првенствено можеме да го зголемиме бројот на корисниците и бројот на индивидуалните третмани во нашиот центар- вели Митрева-Митев.

Во Дневниот центар за лица со аутизам во Штип се згрижени пет корисници, а пет корисници доаѓаат на индивидуални третмани.

-Со новата опрема ќе се овозможи бројката да се зголеми, да имаме подобра услуга и со современата технологија. Во центарот имаме вработено дефектолог и логопед, како и помошен персонал од медицинска сестра и воспитувач. Дефектологот работи со децата, претежно на дефектолошка проценка, и логопедот. Со новата опрема можеме повеќе да работиме и да постигнеме поголем успех- посочи Митрева-Митев.
На промовирањето на новата сензорна опрема присуствуваше и Вања Џамбазова-Николовска од општина Штип, која истакна дека Општината континуирано обезбедува човечки ресурси, за да може овој центар да функционира.
-Исто така, да напоменам дека овој ден е значаен бидејќи благодарение на Фондацијата д-р Верица Механџиска се обезбеди донација со тоа што се опреми сензорна просторија со најразновидни реквизити. Овие реквизити всушност ќе помогнат на дечињата да се подобри нивниот престој, односно за нивна подобра стимулација, развој и терапија. Со заеднички сили на Општината, на Дневниот центар и на организациите, покажуваме дека можеме да постигнеме многу подобри дела- изјави Џамбазова-Николовска.

Бранка Џајковска претставник од Фондацијата д-р Верица Механџиска рече дека опремата има за цел да го подобри развојот на корисниците на овој Дневен центар во делот на нивниот когнитивен распон, во делот на подобрување на нивната концентрација и внимание, како и во делот на надминување и намалување на нивните сензорни раздразби.
-Имаме и елементи коишто ќе ја подобрат и нивната фина и крупна моторика, така што навистина се мислеше на една сеопфатна низа на елементи и алатки коишто ќе придонесат кон подобар развој на лицата со аутизам од Општина Штип коишто го посетуваат овој центар. Фондацијата д-р Верица Механџиска ги поддржува сите ранливи категории на граѓани, но мора да признаеме дека, поттикнати од за жал потребите и зголемениот број на лица со аутизам во нашата држава, главниот фокус ни е ставен на лицата со аутизам. Во таа насока дојде и оваа соработка, и многу природен партнер за нас е Дневниот центар за лица со аутизам во Штип, како некој со кого би сакале заедно да поставуваме пример за тоа како успешно треба да се работи- изјави Џајковска.

Таа додаде дека нивната заложба како Фондација, како и на компанијата Зегин е да ги поттикнат и останатите компании на општествена одговорност.
-Во последните 12 месеци преку 300.000 евра имаме дадено во донации како фондација и како компанија „Зегин“ и се надеваме дека и останатите компании ќе го следат нашиот пример и ќе ги поддржат ранливите категории на граѓани во нашата држава- рече Џајковска.

