Шести месец трае конфликтот меѓу САД и Иран, а договор за прекин на војната сè уште нема. Истекот на 60-дневниот рок за преговори помина без резултат, додека Ормускиот Теснец останува речиси целосно блокиран.
Сообраќајот низ едно од најважните светски енергетски тесни грла е сведен на минимум. Во саботата минале само пет товарни бродови, а во неделата ниту еден, наспроти 31 брод претходниот викенд. Пред војната, низ теснецот минувале повеќе од 130 бродови дневно.
Техеран бара прекин на американската блокада, повлекување на американските сили и условува повторно отворање на теснецот со договор за нов режим на пловидба. Иран денес соопшти дека со Оман е постигнато разбирање за мапата на транзитната рута, но деталите сè уште се усогласуваат.

Вашингтон, пак, инсистира на своите безбедносни услови, а Доналд Трамп тврди дека САД имаат целосна контрола врз теснецот. Американската администрација не исклучува продолжување на поморската блокада и дополнителен економски притисок врз Иран.
Застојот веќе се чувствува на светските енергетски пазари. Цената на нафтата денес повторно порасна поради слабите надежи за договор и намалениот поморски сообраќај, додека ризикот од подолготраен прекин на снабдувањето останува главна закана за глобалната економија.

