Околу 90 проценти од јавната сообраќајна површина на улицата „Бајрам Шабани“ во Куманово е асфалтирана, а целосно се изградени и тротоарите, информира градоначалникот Максим Димитриевски. На улицата паралелно се работи на нова фекална канализација, подземно поставување на каблите на операторите и нова електроенергетска инсталација. По реакциите на граѓаните, дека улицата долго се реконструира кумановскиот градоначалник кажа дека по повеќе од 40 години добива целосно нова инфраструктура. Општина Куманово за реализација на проектот обезбеди средства преку вториот владин повик, а во рамки на реконструкцијата е поставена нова атмосферска канализациска мрежа со сливни решетки и дополнителен број шахти.

-Направив увид и 90 проценти од јавната сообраќајна површина е веќе асфалтирана. Тротоарите се комплетно изработени одново, бидејќи претходно немаше тротоари. Се соочивме со сериозни проблеми во делот на нарушување на државното добро или злоупотреба од страна на поединци со поставување огради надвор од сопствените парцели, но ги надминавме сите проблеми во текот на работата-изјави Димитриевски.

До крајот на неделава, улицата целосно ќе е санирана.

Во однос на „Моша Пијаде“, Димитриевски информираше дека околу 50 проценти од трасата за електроенергетската мрежа веќе е завршена, а во наредниот период се очекува да биде реализиран и преостанатиот дел.

Димитриевски информираше и дека е завршена тендерската постапка и избран е оператор за изградба на улицата „100“.
-Оваа улица е една од најскапите улици во градот, бидејќи претходно во неколку наврати се работеше на изградба на потпорен ѕид кој чини околу 300 илјади евра. Тоа дополнително ги отежна целокупните градежни активности, но работата оди според план и динамика и очекувам „Моша Пијаде“ до октомври да биде комплетно завршена-рече Димитриевски.

Во наредниот период Општина Куманово најавува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти, дел од нив започнати, дел кои треба да се завршат и дел кои целосно ќе се реализираат од почеток. Како еден од капиталните проекти е најавена целосната реконструкција на улицата „Индустриска“, која е меѓу најголемите и најшироките сообраќајници на територијата на Општина Куманово. Проектот предвидува и изградба на нови тротоари. Димитриевски информираше и работите на кружниот тек кај старата автобуска станица. Поради технички проблеми при изведбата на атмосферската канализација биле потребни дополнителни интервенции.

-Имаше технички проблеми во делот на изведбата на атмосферската канализација. Изведувачот врши поправка на сето она што било непрописно претходно инсталирано. Откако ќе заврши, ќе продолжи фирмата со завршните слоеви на асфалтната подлога и поставувањето на кружниот тек. Верувам дека до крајот на оваа година тој булевар ќе биде завршен во целост- изјави Димитриевски.

Со реализацијата на проектот, како што најави градоначалникот, ќе се овозможи и продолжување на булеварот „Октомвриска револуција“ и негово поврзување со стариот градски парк.

