Во дворот на црквата „Света Петка“ во охридското село Велгошти вечерва се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Чинго“, посветена на ликот и делото на големиот македонски раскажувач, романсиер и драмски писател Живко Чинго.
Централен настан на манифестацијата беше врачувањето на наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ на годинешниот конкурс. Лауреат е д-р Марјан Патлиџанковски, чиј расказ „Службен пат до Тирана“, под шифра „Патникот“, беше избран за најдобар од стручната жири-комисија.
Пред спомен-обележјето на Живко Чинго во неговото родно место, Патлиџанковски истакна дека токму творештвото на големиот македонски писател покажува дека литературата не е само раскажување приказни, туку и откривање на човечката душа, со сите нејзини светлини и темнини.


-Таа е потсетник дека литературата живее таму каде обичниот ловек ја носи својата радост, тага и болка, надеж и тишина. Во светот на Чинго, како и во животот, реалноста и чудото често одат рака под рака. А токму во тој простор се раѓа секоја добра приказна, рече меѓу другото Патлиџанкоски.
Тој потсети на учењето на Чинго, дека книжевноста не е во големите зборови, туку во чудото скриено во секојдневниот ивот, во човечноста што опстојува и кога времињата се тешки.
-Вечерва прифаќајќи ја оваа награда чувствувам одговорност и обврска да останам верен на приказната, на јазикот и на лушето за кои пишувам…рече лауреатот.
Своја беседа за ликот и делото на Чинго имаше академик Катица Ќулавкова, која за Живко Чинго рече дека е еден од неодминливите македонски раскажувачи, чие дело трајно ја задолжило македонската книжевност и култура.

На одбележувањето на 91 година од неговото раѓање таа го издвои Чинго како еден од врвните македонски раскажувачи од генерацијата родена во 1930-тите, нагласувајќи дека неговото творештво претставува специфична наративна парадигма длабоко вкоренета во македонската стварност.
-Еден од тие неколку неодминливи раскажувачи е секако Живко Чинго… ја задолжил македонската книжевност и култура на начин кој не обврзува, рече Ќулавкова.
Според неа, Чинговиот книжевен свет произлегува од силната импресионираност од македонскиот хронотоп, наследените колективни трауми и потресните гротески, кои во неговите дела понекогаш звучат магично и нереално, иако се длабоко вкоренети во реалноста.
– Тие се литературна рефлексија на македонската реалност, на идеолошкиот терор или товар, толку брутално реална реалност што звучи нереално и фантастично, посочи Ќулавкова.
Таа оцени дека Чинго преку своите раскази и романи го соочува читателот со македонскиот свет, но и со човечките слабости, траумите, неправдите, стравот, одмаздата и апсурдот.
-Чинго е автор кој прави ‘обдукција на човештината’, на семејството и на општеството, низ призма на конзервативниот паланечки лажен морал, кој е извор на многу неправди и несреќи, а неговите раскази се налик на гледање во сонце, кое се помрачува и потоа повторно се јавува во полн сјај – истакна Ќулавкова.

Патлиџанковски е роден на 22 мај 1973 година во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност.
Во списанието „Современост“ во 2004 и 2005 година ги објавил трудовите „Митолошко-фантастични елементи во ’Тврдоглави‘ и ’Миракули на грозомората‘ од Славко Јаневски“, „Фолклорни демонски суштества“ и „Херменевтичка анализа на песната ’Чедоморка‘ од Славко Јаневски“.
Во 2019 година ја објавил научната студија „Иницијацијата (пубертетска и херојска) во македонската народна епска поезија“, а во 2020 година и трудот „Средновековното македонско скрипторско наследство“.
Во 2023 година ја освоил втората награда за краток расказ на конкурсот „Раскажувам фотографија“, што го организира Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија. Истата година добил Благодарница за успешна соработка од НУ „Спомен-куќа на Мајка Тереза“, а неговиот расказ „Аурата на Саанви“ бил објавен на македонски и албански јазик во збирката од конкурсот.
Во 2024 година ја добил меѓународната награда за критика и книжевна историја „Книжевен круг“, доделена на XIII Меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“.
Во декември 2024 година го објавил својот прв роман за деца со илустрации „Едно лето на Никола“, а во мај 2025 година и првата збирка раскази „Езерград – скопски приказни“. За овие две изданија во 2025 година ја добил наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за публицистика.

